Пике за првпат ги откри вистинските причини за напуштање на фудбалот

Легендарниот дефанзивец на Барселона, Жерар Пике (35) пред неколку дена во разговор со шпанскиот „стример“ Ибаџи Јанош ги откри причините за напуштањето на фудбалот.

Сега веќе поранешниот ас на Каталонците, призна дека уште на почетокот на оваа сезона сакал се раздели од фудбалот.

„Има многу работи за кои размислував во текот на сезоната. Се започна за мене по средбата со Чави, кога тој ми кажа дека ќе ми биде многу тешко. Сепак, го замолив да ми даде шанса, бидејќи минатата сезона беше добра. За жал, моето чувство од почетокот на сезоната не беше најдобро и мислев дека репрезентативната пауза ќе биде одлична можност да донесам одлука. Секогаш велев дека ќе си заминам во моментот кога нема да се чувствувам корисно. Тоа што имавме многу повредени играчи на мојата позиција одложи се, бидејќи порано ќе се пензионирав. Не играв против Елче и Ваљадолид и чувствував дека не припаѓам на овој тим, не ми е пријатно. Бев многу блиску до одлуката да влезам во соблекувалната по тие натпревари и да кажам: Готово е! Не поради внатрешната болка, туку поради чувството дека повеќе не припаѓам таму. На крајот не го направив тоа. Почнаа повредите на соиграчите и решив дека не можам да го напуштам тимот во тој момент. Мислев дека Светското првенство е време за пауза и одлука“, потенцираше Пике.

Жерар откри кога и кому првпат кажал дека ќе се прости од фудбалот.

„Утрото по гостувањето во Пилсен, му кажав на Жоан Лапорта дека се повлекувам. Мислев дека ќе бидам тажен кога ќе го кажам тоа, но всушност бев среќен. Не можев да барам ништо повеќе. Го претставував мојот клуб практично цел живот, освоив многу трофеи и си поминав одлично. Се надевам дека ќе продолжам да живеам вака. Секое утро се будев и си признавав колку сум привилегиран. Има луѓе кои живеат доста лошо. Има и такви кои гледаат во соседот и веднаш се нервираат. Секогаш ќе бидам лут кога ќе победи Реал, но се надевам дека ќе живеам среќно до крајот на животот“, заклучил Пике.

Се вчитува...