Серхио Рамос кој досега запиша 180 настапи за шпанската репрезентација не го најде своето место на листата на патници за Светското првенство во Катар. И покрај тоа што игра во одлична форма, за 36-годишник нема место во четата на Луис Енрике па поранешниот капитен натпреварите ќе ги проследи од дома.
За целата ситуацијата сега се огласи и самиот Рамос кој вели дека се надевал дека ќе настапи на петтото Светско првенство во неговата кариера, но и покрај тоа што не е на списокот тоа нема да го обесхрабри.
„Претходната сезона беше напорна поради повреда и привикнувањето кон новиот клуб и новиот град. Се посветив на целосна рехабилитација, на целото тело и духот, водејќи се по поставени цели и амбиции. За среќа, можам да кажам дека оваа сезона се чувствувам добро, повторно уживам во фудбалот играјќи за сјаен клуб во сјаен град.
Светското првенство ми беше голем сон и се надевам дека ќе има место за мене. Тоа ќе ми беше петти Мундијал, но за жал ќе морам да го гледам од дома. Тешко е, но сонцето ќе сјае и утре. Ништо не би променил кај себе. Ни менталитетот, ни страста, подреденоста, трудот, посветеноста, размислувањето за фудбал 24 часа во денот. Така се чувствувам и сакав да го споделам тоа со вас.
Ви благодарам за поддршката. Има уште многу предизвици и цели. Се гледаме наскоро“, стои во објавата на Шпанецот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА