Репрезентацијата на Македонија до 21 година овој месец во Кипар ќе одигра два контролни натпревари против селекцијата на домаќинот Кипар и против репрезентацијата на Србија.
Вчера младите репрезентативци во хотел „Парк” го имаа собирот и првиот тренинг, а денеска попладне патуваат за Кипар.
Марио Илиевски, еден од носителите на играта на младата селекција на Македонија, ги сподели своите очекувања за претстојните контролни средби против Кипар и Србија.
„Не очекуваат два тешки натпревари, нема да биде лесно против Србија и Кипар, се надевам дека ќе одиграме на едно високо ниво на двата натпревари. Мора да одиграме храбро и пожртвувано на терен, да покажеме квалитет, а резултатот ќе дојде сам по себе. Оваа репрезентација има одличен тимски дух и заедништво, се познаваме добро меѓусебно, сите имаме една цел, а тоа е да одиграме најдобро што можеме и во вистинско светло да ја претставиме Македонија. Поседуваме квалитет и тоа сакаме да го потврдиме на овие два меча, доколку одиграме како што знаеме и умееме, верувам дека ќе се радуваме на позитивен резултат“ – вели Илиевски, притоа дополнувајќи:
„Атмосферата во репрезентацијата е одлична, остваривме неколку одлични резултати на претходните натпревари. Од меч во меч играме се подобро, но има уште простор за напредок. Двата пријателски натпревари против Србија и Кипар се одлична контрола за квалификациите за ЕП што претстојат во наредната година“.
На 17. ноември избраниците на селекторот Драги Канатларовски ќе се соочат со домашниот Кипар, а пет дена подоцна ќе одиграат контролна пресметка против Србија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА