Повеќе од сериозна полемика донесе денешната седница на Советот на Град Скопје на кое советниците, главно од ВМРО-ДПМНЕ и дел од СДСМ, а со противење на албанските советници во градот изгласаа одлука за доделување финансиска помош од околу 250.000 евра за ФК Вардар.
Против оваа одлука беше и градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска која истакна дека на овој начин не му се помага на клубот на кого му е неопходно системско решение.
„Треба да повикаме на итна акција на финансиската полиција и останатите надлежни институции да ја разрешат ситуацијата во ФК Вардар и да видат на кој начин се работи и се функционира во клубот во изминатата година. Да видиме што се случува, кои обврски се реализирани, и зошто има блокади на сметката кои што се поради долгови во милиони, за да потоа најдеме заедничко решение со кое на вистински начин ќе го спасиме ФК Вардар“ – истакна Арсовска.
Советникот на ВМРО-ДПМНЕ, Владимир Неловски информираше дека фудбалерите на Вардар четири месеци не добиле плата, за што им е неопходна поддршка и помош иако исто така се согласува дека е неопходно системско решение за клубот.
„Се согласувам со градоначалничката дека треба да се најде системско решение за ФК Вардар, и исто така ги повикувам надлежните институции да се заинтересираат за тоа што се случува во ФК Вардар. А, секогаш ќе бидам прв кој ќе повика на помош и поддршка за ФК Вардар“ – рече Неловски, кој е и поранешен фудбалер на најтрофејниот македонски клуб.
Дел од советниците на Град Скопје истакнаа дека проблемот на ФК Вардар датира од 2014 година кога тогаш Град Скопје во четири очи му го предал клубот на Сергеј Самсоненко со обврска секоја година да вложува најмалку по 1,5 милиони евра.
„Таму во таа 2014 година треба да се бара вината, затоа што ако тогашниот сопственик го правеше тоа да вложува по 1,5 милиони евра како што беше негова обврска тогаш немаше да дојдеме до оваа ситуација денес“ – беше ставот на дел од советниците на градот кои и не беа согласни дека ова е начинот на кој ќе му се помогне на клубот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА