Младите кошаркари на КК Работнички, генерација до 14 години, постигнаа извонреден успех освојувајќи го еден од најсилните турнири за млади кошаркари во Југоисточна Европа – „Турнирот на шампионите 2022“ во Ужице, Србија.
Предводени од тренерот Нермин Пепиќ, најзаслужниот за континуираниот раст на оваа генерација, Работнички како единствен претставник од Македонија во конкуренција на 12 екипи од Србија, БиХ, Словенија, Хрватска и Црна Гора, стигна до големиот трофеј во повеќе од драматично финале во кое македонските кошаркари победија против црногорската Сутјеска со 65-64 (15-16, 8-13, 23-16, 20-20).
Најзаслужниот за победата на Работнички во финалето беше еден од најдобрите млади македонски кошаркари, Александар Сотир кој реализираше поени на само 0,3 секунди до крајот за конечна победа. На 25 секунди пред крајот Сутјеска имаше водство од 63-64 и напад, но по промашениот обид во нападот на Црногорците, на само седум секунди пред сирената дефанзивен скок на Сотир кој потоа во извонредна соло-акција низ целиот терен на 0,3 секунди пред звукот на сирената постигна победнички поени за големо славје на македонската екипа.

Претходно низ групната фаза на турнирот избраниците на Нермин Пепиќ беа убедливо најдобри во групата со КК Будуќност од Подгорица и КК Кадет, за да потоа во полуфиналето слават и убедлива победа и над Зворник Баскет со 85-73 за пласман во големото финале.

Успехот на тимот од Градски парк беше заокружен и со прогласувањето на Теон Бошковски за МВП на турнирот како предводник со континуирано одлични игри на сите натпревари, а во најдобрата петторка се најде и Стефан Илиев.


Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

