Машката сениорска репрезентација на Македонија останува на 54. место на светската ранг-листа на ФИБА и на 29. позиција кога станува збор за европските кошаркарски селекции.
Двете победи во третото, односно во четвртото коло против селекциите на Норвешка и на Данска, придонесоа Македонија да добие нови рејтинг поени. Сега нашата национална селекција има вкупно 204.3 бодови, доволни за 29. позиција во рангирањето кога станува збор за европската зона на ФИБА.
Нашите успешни игри против двете селекции од Скандинавија условија и нивен сериозен пад на листата. Поразот од нашата, а потоа и од селекцијата на Словачка, значат и шест места подолу за селекцијата на Норвешка (сега се на 90. место во светски рамки), а нешто помал е „падот“ на Данска (назадуваат две места на ФИБА рејтинг листата за оваа календарска 2022 година).
Актуелниот европски шампион, репрезентацијата на Шпанија, е лидер во светскиот поредок, за првпат во историјата на шпанската кошарка. „Црвената фурија“ има 758.6 поени со кои е пред неприкосновената САД (има 757.5 поени), пред Австралија, Аргентина и Франција кои се во ТОП 5.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА