Рајковиќ со „стотка“ за „својата“ Астана

Емил Рајковиќ продолжува со импресивните партии како шеф на стручниот штаб на ЦСКА Москва, предводејќи го рускиот гигант до единаесетти триумф во низа во регионалната ВТБ-лига. Денешниот дуел беше специјален за Рајковиќ бидејќи ЦСКА гостуваше на неговиот поранешен клуб Астана, но македонскиот стратег не покажа милост за оваа екипа, предводејќи ги „армејците“ до убедлива победа од 64-101.

Уште од самиот почеток стана јасно дека домаќините ќе немаат никаква шанса за сензација откако ЦСКА тргна моќно од првата четвртина, добивајќи ја со 15-23. Доминацијата на гостите од Москва продолжи и во вториот период, на одмор се замина со убедливи 35-56, за предноста да продолжи да се зголемува до самиот крај и конечните „плус 37“ за ЦСКА.

Тимот на Рајковиќ останува единствениот со перфектен скор во ВТБ-лигата (11-0), а успехот е уште поголем ако се знае дека избраниците на македонскиот стратег на шест од овие единаесет средби постигнуваат троцифрен број на поени.

Милутинов беше во главна улога на оваа средба со дабл-дабл од 15 поени и 10 скокови, Давидовац постигна 14 поени за ЦСКА, додека Алексеј Швед го заврши мечот со 13 постигнати поени.

Се вчитува...