Ѓоковиќ повторно покажа класа – со супер-пресврт до триумф над Медведев

Новак Ѓоковиќ уште еднаш ја потврди својата класа, откако во фантастичен меч успеа да слави со 2-1 во сетови над Данил Медведев и со максимални три победи го освои првото место во својата група на АТП шампионатот во Торино.

Српскиот тенисер без оглед на исходот на овој дуел ќе завршеше како првопласиран во групата, но Новак најде мотивација во пресметката со незгодниот ривал, за да го испрати Медведев со три порази од Торино. Почетокот на мечот мина во знакот на Србинот, кој го доби првиот сет со 6-3, но Медведев возврати славејќи во вториот преку тајбрејк, период од мечот кога Ѓоковиќ изгледаше крајно преморено.

Финишот на дуелот беше суперинтересен, при 4-4 во решавачкиот сет Ѓоковиќ не искористи дури седум гејм-топки на свој сервис, по што Медведев направи брејк. И кога се чинеше дека Русинот ќе го добие мечот, Новак возврати со брејк на спротивната страна, по што српскиот тенисер со фуриозна завршница во тајбрејкот од третиот сет, со убедливи 7-2 стигна до победата.

Ривал на Ѓоковиќ во полуфиналето ќе биде Американецот Фриц, кој заврши како второпласиран во другата група од АТП-шампионатот.

Се вчитува...