Партизан ја продолжи серијата одлични игри на домашен терен во Евролигата откако избраниците на Жељко Обрадовиќ по голема битка славеа над Макаби со 96-88. Израелскиот гигант одигра беспрекорно во нападот во првото полувреме, а Партизан првото водство го имаше во последните секунди од третата четвртина, кога Лесор погоди две слободни фрлања. Тоа беше само мотив повеќе за „црно-белите“, кои со тројките на Мадар и на Пантер ја отворија четвртата четвртина, во која го надиграа противникот и заслужено стигнаа до четвртиот евролигашки триумф сезонава. Егзум беше клучна фигура во таборот на Партизан со 21 поен, а стандардно добар беше и Лесор, со 16 поени и осум скокови.
Фенербахче се задржа на врвот на евролигашката табела по убедливиот триумф над Панатинаикос од 107-77, седми за Фенер по осум одиграни рунди во елитното европско натпреварување. Извонредата втора четвртина што турскиот гигант ја доби со 33-15 значеше и трасирање на патот до триумфот, а најефикасни во победничкиот тим беа Вилбекин со 19 и Хејс-Дејвис со 16 поени.
Резултатската криза на Милано се продлабочи по четвртиот пораз во низа, откако италијанскиот тим вечерва загуби во Литванија од Жалгирис со 71-62. Тимот на Еторе Месина во првото полувреме постигна само 24 поени (34-24), а слабиот напад повторно беше главна причина за поразот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА