Катар и Еквадор официјално ќе го отворат Светското првенство во недела во 17 часот, а доколку планирате да патувате на некој од натпреварите како навивач или само да почувствувате како е да се гледа фудбал во Катар, мора да ги почитувате правилата за влез во азиската земја.
Познато е дека во Катар има некои строги правила, а она што треба да го знаете е списокот на работи кои не смеете да ги внесете во земјата.
Први на таа листа се тутунот и цигарите. Џвакање тутун во која било форма, електронски цигари, се што личи на цигара и опрема за пушење што не содржи тутун (на пример слатки или детски играчки направени во оваа форма) не се дозволени во Катар, а исто така забрането е и наргиле.
Патниците кои ги поседуваат овие производи или ќе се обидат да ги превезат ќе сносат правни последици. Освен тоа, не смеете да имате со себе опојни средства, порнографија, алкохол или свинско месо. Исто така, не смеете да патувате со книги поврзани со религија.
Во Катар, исто така, постои правило дека не смеете да носите повеќе од 50 илјади риали во готовина и вредни предмети (околу 13 илјади кога се претвораат во евра) без претходно известување до царинските органи.
Што се однесува до алкохолот во Доха, неговата употреба ќе биде ограничена, а пцуењето, некултурните гестови и „интимноста на јавно место“ се забранети.
Дури и некои лекарски препишани лекови не се дозволени во оваа арапска земја. Значи, ако мора да земете со себе антидепресив од здравствени причини, ќе треба да имате и посебен медицински извештај не постар од шест месеци. Во спротивно, може да завршите зад решетки.
Има и бројни ограничувања за фотографирање, но тие главно се однесуваат на новинарите и креаторите на содржини.
Она што е важно да се напомене е дека при влез во Катар треба да имате и картичка „Хаја“, дигитална апликација за влез во Катар и пристап до стадионите на кои ќе се игра Светското првенство. Овој документ ја заменува стандардната виза и овозможува престој во Катар за време на Светското првенство. Тоа е и документ за идентификација на сите навивачи кои одат на Мундијалот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА