Кристијано Роналдо изминативе денови беше фудбалска тема број еден по даденото интервју на кое ги критикуваше Манчестер јунајтед, менаџерот Ерик Тен Хаг и своите соиграчи, па сосема очекувано прашања на таа тема добиваше и на официјалната прес-конференција за португалските медиуми пред стартот на Светското првенство во Катар.
Португалија на Мундијалот се наоѓа во групата Х заедно со Уругвај, Гана и Јужна Кореја, но за португалските медиуми поинтересно беше да разговараат со Роналдо околу тајмингот на даденото интервју.
„Тајмингот е секогаш тајминг. Лесно ви е вам да бирате тајминг. Некогаш ја пишувате вистина, некогаш само лаги. Не мора да се грижам што другите мислат. Зборувам кога сакам и како сакам. Сите знаат кој сум и во што верувам. Соиграчите ме знаат со години и знаат каков сум. Сигурен сум дека интервјуто нема да ја потресе соблекувалната“ – рече Роналдо кој се налути на медиумите околу потенцираниот фокус на него, а не на португалската репрезентација.
„Престанете да разговарате само за Роналдо. Кога некој играч ќе дојде на прес, не прашувајте го за мене, разговарајте за Светското првенство, за репрезентацијата. Мене да ме прашавте за мој соиграч немаше да одговорам. Не сакам да зборувам за другите. Би сакал да ме прашувате за репрезентацијата“.
А, што мисли за репрезентацијата…
„Оваа селекција на Португалија има неверојатен потенцијал. Ќе видиме кој ќе го освои Мундијалот, но верувам дека Португалија е најдобар тим. Фокусот сега е на Гана, сакаме победа и потоа така да продолжиме“ – рече Роналдо.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА