КАТАР НА „КАНТАР“ – ТЕМА И ДИЛЕМА (1): Политичко-општествени полемики место фудбал…, ЛГБТ, претерани судиски продолженија и Грилиш-херој на денот

Осврт со најважните моменти кои го одбележуваат мундијалскиот ден. На вага клучните поенти, случувања, теми и дилеми…, кои вреди да се „измерат“ како заокружување на дневните возбудувања во Катар.
========================================================================

ТЕМА НА ДЕНОТ: Силни реакции во светот поради забраната за поддршка на ЛГБТ-популацијата…! Сепак, домаќинот мора да се почитува!

Мундијалот во Катар, како никој никогаш претходно, се чини се користи како „плодна почва“ за бројни полемики повеќе на политичко-општествени теми отколку оние фудбалските.

Секако тема број еден на стартот е забраната од страна на ФИФА но и домаќинот Катар за било какво носење симболи или пароли, од страна на националните тимови, новинарите но и навивачите, за поддршка на ЛГБТ-популацијата. Токму затоа уште на првиот ден не им беше дозволен влез на стадионите на новинари и навивачи кои се појавија со симболи во боите на „виножитото“, а домаќините побараа и забрана во иднина за влез на стадионите за репортерката на Би-би-си која на мечот на Англија се појави со лента со „Една љубов“ за време на ТВ-јавување во живо.

 

Јасно е дека поголемиот дел од светот како на основа во борбата со овој тип ‘забрани’ се повикува на одбраната на човековите права. Фудбалот, како едно од најмоќните средства за ширење влијание, дел од светските нации се обидуваат да го искористат во насока на ‘просветлување’ на Катарците и на оваа тема. Но, на крајот на краиштата, сите оние кои се во Катар уште од многу, многу порано знаеја кои и какви се законите и правилата за посета и за однесување додека сте на нејзино тло. На крајот на краиштата, како гостин во Катар основно е дека секој мора да го почитува домаќинот. Сите симболи за некаква поддршка, промоција, или борба за правда, има и простор и време кога да се користат… Конечно, Светското првенство 2022 е одлучено да се одржи и веќе се одржува во Катар, сакале сите ние да биде така или не. И сега треба да биде време само за фудбалот!

ДИЛЕМА НА ДЕНОТ: Дали судиските продолженија од повеќе и од 10 минути, сепак, се претерување!?

Натпреварот меѓу Англија и Иран денеска во Групата Б беше продолжен цели 24 минути!? Секако, и поради паузата при лекарската интервенција на повредениот голман на Иранците, но една од причините е и инструкциите кои ги имаат судиите од ФИФА да се продолжува буквално секоја загубена секунда, како би се намалило намерното губење време на дуелите на Мундијалот.

Но, се чини дека ова е повеќе од претерување секој натпревар да биде продолжуван најмалку по десет минути и тоа некогаш и во моменти кога противникот има предност и од 6-1. Измачување на тимовите, во секој случај, без разлика колку и да се повикуваат стручните судиски лица од ФИФА дека сето тоа е поради важноста на гол-разликата.

Останува дилемата дали ова решение со продолжување на времето на траење на натпреварите дури и повеќе од 15 минути вкупно, во реалност ќе придонесе да се натераат тимовите помалку намерно да трошат време на терен!?

ХЕРОЈ НА ДЕНОТ: Грилиш го исполни ветувањето дадено на дете со церебрална парализа

Англија убедливо победи со 6-2 против Иран на отворањето на Мундијалот во Катар, а Џек Грилиш беше стрелец на последниот гол за Англичаните.

А Грилиш го исполни ветувањето на момчето со церебрална парализа, Финли, дадено пред СП. Грилиш му подари дрес на Финли пред заминувањето во Катар и му вети дека ќе му посвети прослава при постигнат гол.

Па, денеска откако постигна голот Грилиш застана пред ТВ-камерите и танцуваше, што е порака за Финли. Англиските медиуми наведуваат дека Грилиш се грижи за својата помлада сестра Холи, која исто така има церебрална парализа.

 

РЕКОРД НА ДЕНОТ: Рашфорд погоди со првиот допир на топката: Трет најбрз гол во историјата на играч кој влегува од клупа (ВИДЕО)

Петтиот гол за Англија во победата од 6-2 против Иран беше дело на Рашфорд и тоа само 49 секунди откако влезе во игра. Голот на Рашфорд е трет најбрз гол во историјата на светските првенства на играч кој влегува од клупа.

КУРИОЗИТЕТ НА ДЕНОТ: Таткото претседател на Либерија и освојувач на „Златната топка 1995“, а синот стрелец за САД

Синот на легендарниот напаѓач на Милан и освојувач на Златната топка од 1995 година Жорже Веа беше стрелец за Американците во ремито (1-1) со Велс на стартот на Светското првенство 2022 во Катар.

Жорж Веа во моментов е претседател на Либерија, а неговиот 22-годишен син Тимоти, кој игра за француски Лил, се одлучи да настапува во дресот на САД.

 

ФОТО НА ДЕНОТ: Поддршка за антивладините протести во Иран – „Жени, живот, слобода!“

Се вчитува...