КАТАР НА „КАНТАР“ – ТЕМА И ДИЛЕМА (2): Брзо паднаа во вода тврдењата за Мундијал без изненадувања…, ВАР-системот не дава 100% исправна одлука!

Осврт со најважните моменти кои го одбележуваат мундијалскиот ден. На вага клучните поенти, случувања, теми и дилеми…, кои вреди да се „измерат“ како заокружување на дневните возбудувања во Катар.
================================================================================

ТЕМА НА ДЕНОТ: Во 21. век се помал е фудбалскиот јаз меѓу „големите“ и „малите“!

Смешни беа сите оние најави на дел од „стручните прогнозери“ дека Мундијалот во Катар ќе биде главно без изненадувања со доминација на европските селекции, плус Аргентина и Бразил.

Уште на вториот ден од шампионат брзо паднаа во вода сите тие тврдења, а голем доказ дека во 21. век се помал е фудбалскиот јаз меѓу „големите“ и „малите“ репрезентации е името на Саудиска Арабија. Не дека на крајот битката за медали повторно нема да се сведе меѓу оние истакнатите фаворити, за што, пак, првичен доказ се бранителите на титулата Франција, но јасно е дека ќе треба добро „големите“ да се намачат низ секој натпревар за да дојдат до својата цел.

Репрезентативците на Саудиска Арабија на симпатичен начин ја одбранија честа на фудбалските „мали“ со неверојатната победа против Меси и Аргентина, покажувајќи дека Катар и тоа како ќе понуди неизвесност и возбудувања.

Добар доказ на оваа тема од денеска е и ремито на селекцијата на Тунис против фаворизираната Данска… Верувањата, веќе за утрешниот ден, се дека и Мароко и тоа како има сили да го изненади актуелниот светски вицешампион Хрватска.

ДИЛЕМА НА ДЕНОТ: ВАР-системот секако не може да даде 100% исправна одлука, а од друга страна го руши ритамот на мечот!?

ВАР-системот, без сомнение, е огромен осигурувач за фудбалска правда на терените. Во тоа нема збор. Но, исто како што е сосема јасно, од друга страна, дека ВАР-системот не може, пак, да даде и 100% сигурност за исправни одлуки. Затоа што, на крајот на краиштата, конечната одлука зависи од факторот – човек. Може до бескрај да се прегледуваат видео-снимките, но на крајот, и тоа пред се главно кога се работи при одлуките дали е пенал или не, одлучува факторот – човек. Субјективно и индивидуално, финалната одлука, повторно ќе се темели единствено на личното чувство на главниот судија, а таа секогаш ќе зависи кој со какви очи ја гледа!

Прв доказ за тоа е и поништениот гол за Еквадорците на мечот на отворањето на Мундијалот меѓу Катар и Еквадор. Одлука која потоа самите судии истакнаа дека била погрешна и покрај долготрајното прегледување на видео-снимките.

Но, и дополнителните докази дека Аргентина денеска била ограбена со погрешна одлука на ФИФА-судиите од ВАР-собата при поништувањето на голот на Лаутаро Мартинез…

 


Постојаното користење, пак, на ВАР-системот за дел од аналитичарите е непотребно оптоварување на фудбалската игра која губи од ритамот поради постојаните прекини и анализи. За традиционалистите, прегледувањето на милиметрите дали е офсајд или не но и „лажното видео-мерење на интензитетот на прекршокот при пенал“, се само изместување на фудбалската игра од нејзините традиционални вредности. Како и да е, факт е дека прашањето: „Дали и грешките на судиите може и мора да останат дел од убавината на фудбалот, или за модерниот фудбал ВАР-системот е единствениот спас?“, уште долго ќе буди полемики меѓу љубителите на фудбалот!

ХЕРОЈ НА ДЕНОТ: Гилермо Очоа го запре Левандовски!

Голманот на Мексико, Гилермо Очоа е херојот на денот. Успеа да ја спаси својата селекција од пораз по одбранетиот пенал на Роберт Левандовски.

Првата ѕвезда на Полјаците, Роберт Левандовски беше соборен во шеснаесетникот на Мексиканците. Главниот судија на мечот, Австралиецот Бит прво не досуди пенал, но по проверка на ВАР покажа на „белата точка“. Но, Очоа го одбрани ударот на Левандовски кој веќе вторпат во низа не успева да погоди пенал…

РЕКОРД НА ДЕНОТ: Жиру го израмни рекордот на Анри

Оливие Жиру е најдобриот стрелец во историјата на француската репрезентација, израмнувајќи се со 51 гол на врвот на листата на стрелците со Тјери Анри.

Во победата од 4-1 против Австралија, Жиру постигна два гола што значеше израмнување со Анри со 51 гол. Секако за Жиру на шампионатот во Катар останува уште многу простор и да го надмине и Анри како најдобар стрелец на Франција.

КУРИОЗИТЕТ НА ДЕНОТ: Аргентина во еден меч со 10 офсајди, дури четири повеќе од целиот Мундијал 2018 – прв пораз по цели 13 години на меч на кој Меси бил стрелец!

Аргентина на првиот меч против С. Арабија на Мундијалот во Катар имаше неверојатни 10 офсајд-позиции. Дури четири повеќе од оние 6 колку што вкупно имаше на Светското првенство 2018 во Русија. Интересно, дури седум од десетте офсајди беа во првото полувреме на мечот против С. Арабија.

Аргентинците го загубија и првиот натпревар по цели 13 години, од ноември 2009 година против Шпанија, на кој Меси бил стрелец.

ФОТО НА ДЕНОТ: Големи и мали – Аргентинците им се поклонија на Саудијците!

Се вчитува...