Панчев: Нормално дека ќе навивам за Србија и за Хрватска, Србите како мотивација пред Бразил може да го гледаат „Монтевидео“

Фудбалерот на векот во Македонија, легендарниот Дарко Панчев во освртот за регионалната телевизија „Спортклуб“ нагласува дека ќе навива за Србија и за Хрватска на Светското првенство во Катар.

„Нормално дека ќе навивам за Србија и за Хрватска, да се тука ќе навивав и за Црногорците, Босанците, Словенците, секако секогаш за Македонија. Каква врска имам јас со Сенегал, Белгија, Америка… Уште во финале да играат Србија – Хрватска, ќе полуди регионот“, вели Панчев, притоа истакнувајќи дека сензациите на првенството секако се можни.

Легендарната македонска деветка му порача на српскиот селектор Драган Стојковиќ – Пикси да го гледаат уште еднаш култниот филм „Монтевидео – бог те видео“, како мотивација пред дуелот со Бразил. Тогаш селекцијата на Југославија на СП 1930 во Уругвај неочекувано славеше против Бразил со 2-1.

„Еден од неопходните чекори како подготовка за Србија пред пресметката со Бразил е да се повтори четивото – задолжително гледање на ‘Монтевидео, Бог те видео’. Ќе се сети Пикси, не морам да му сугерирам, а друштво може и Драган Бјелогрлиќ да им прави. Само уживајте. Мотивацијата не се доведува во прашање, Србија има супер-напад, не се сомневам Пикси дека силно ќе ги мотивира, но на крајот на теренот одлуки носат фудбалерите, не може тренерот да ти кажува што да правиш“, вели Панчев.

Се вчитува...