Младата репрезентација на Македонија во одличен ритам со убава резултатска серија ќе го очекува стартот на новиот квалификациски циклус за пласман на Европското првенство.
Креирајќи ја новата генерација млади македонски репрезентативци селекторот Драган Канатларовски реализираше шест пријателски натпревари притоа без ниту еден пораз, со три победи против БиХ (1-0 и 2-1) и против Албанија (3-1), како и три ремија со Саудиска Арабија, Кипар и со Србија со идентични 1-1.
Изминативе денови надежите одиграа две квалитетни пријателски средби на гостувањето во Кипар, со ремија против домаќинот Кипар и силната Србија, притоа пропуштајќи и сериозна можност и со победа да ги завршат натпреварите.
На шестте тестови, избраниците на Канатларовски постигнаа 9 погодоци и примија пет гола, јасно демонстрирајќи против квалитетни противници дека имаат потенцијал за максимална конкурентност низ следниот квалификациски циклус.
Младата репрезентација на 2. февруари ќе ги дознае противниците за новиот циклус кој ќе се игра од март 2023 до октомври 2024 година, во обидот за ново учество на едно европско првенство, по настапот на ЕП 2017 во Полска.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА