АНАЛИЗА НА ГОРАН ПОПОВ: Аргентина не може да чека само од Меси, Бразил е многу далеку пред Србија

ЕКС РЕПРЕЗЕНТАТИВЕЦОТ ГОРАН ПОПОВ ЗА „ЕКИПА“ ГО АНАЛИЗИРА ПРВОТО КОЛО ОД СВЕТСКОТО ПРВЕНСТВО


СРБИЈА – ТОЛКУ ЗБОРУВАЊЕ, А МАЛКУ ПРИКАЖАНО НА ТЕРЕН

Тоа што очекував од Србија, не го видов. После толку зборување и приказни, ништо не покажаа на терен. Да се игра против Бразил не е лесно, но самите тие ветуваа, а разочараа. Србија е фантастична репрезентација, но никако не може да се споредат со Бразил. Бразилците цело време играа, го имаа поседот на топката, ја имаа контролата цело време на мечот. Србија се надеваше дека со нафрлувања од страничните позиции и Митровиќ дека може да направат нешто, но тоа беше сосема очекувано и Бразилците знаеја каде е нивната опасност и добро ги неутрализираа. Мислам дека потфрли средниот ред на Србија, ако се знае дека одбраната е нивната слаба страна. Ако Бразил продолжи во ист стил како што играше со Србија, за мене тие имаат најголеми шанси за да бидат светски прваци.

НАЈИНТЕРЕСН НАТПРЕВАР ВЕЛС – САД

За мене најинтересен натпревар беше Велс – САД. Двете селекции прикажаа машка, отворена игра, и двете репрезентации сакаа да победат. И се бореа до крај за трите бода. Тоа е тој фудбал што го очекував, храбар, особено од такви селекции кои што нема што да загубат. Сметам дека фаворити на овој Мундијал ќе нема, гледајќи го првото коло од Светското првенство. Секој може да победи секого. Еве, гледајте Јапонија ја победи Германија, Аргентина губи од Саудиска Арабија. И покрај убедливите победи на Шпанија и на Англија, ќе биде навистина непредвидливо да се прогнозира кој ќе може да го освои.

РОНАЛДО И МЕСИ ПОВЕЌЕ НЕ СЕ ИСТИТЕ

Сите знаеме дека за Роналдо и Меси ова е последен Мундијал. Не верувам дека во двете репрезентации има некаков притисок поради нив дека ќе се игра за нив. Но, аргентинските фудбалери, па и португалските не може да чекаат само од Меси и од Роналдо. Колку и да се добри, колку и да се во форма, тие се веќе на некој начин ветерани и сметам дека другите треба да го понесат товарот, а тие само да им служат како поддршка и мотивација. Аргентина премногу се потпираше на Меси, а не смеат само на него да чекаат. Во денешно време сите играат фудбал. Долго време се заедно Аргентинците, но Меси е далеку од оној вистинскиот. Така што ќе им биде сигурно тешко со тие години. Има право Модриќ кога вели дека играњето фудбал после 35 години е веќе на сила. Така е и со Меси и Роналдо.

ФИЗИЧКАТА ПОДГОТВЕНОСТ ИГРА ВАЖНА УЛОГА

Саудиска Арабија ја доби Аргентина на трчање, на физика. Беа физички подобро подготвени, ги наттрчаа многу. Можеби на крајот веќе снемаа сила, но беа многу мотивирани и многу физички подготвени. Саудиска Арабија не престана да трча. Истото беше и со Јапонија во второто полувреме. Германија нема технички добри фудбалери кои може да задржат топка, а Јапонија тоа го искористи и победи. И покрај убедливиот триумф над Костарика, мислам дека од Шпанија има подобри репрезентации на Мундијалов. Пред се тука би го издвоил Бразил кој што, повторно ќе кажам, доминираше над Србија, и тоа со еден Нејмар кој не беше на нивото и на крајот се повреди. Реков дека ќе биде непредвидливо, но според мене Бразил во моментов има подобра репрезентација од Шпанија.

Се вчитува...