Осврт со најважните моменти кои го одбележуваат мундијалскиот ден. На вага клучните поенти, случувања, теми и дилеми…, кои вреди да се „измерат“ како заокружување на дневните возбудувања во Катар.
================================================================================
ТЕМА НА ДЕНОТ: Азијските репрезентации носат некои нови моменти во фудбалската игра!
Саудиска Арабија, Јапонија и Иран ги приредија најголемите изненадувања низ досегашниот дел од шампионатот во Катар. Очигледно е дека азијските репрезентации носат некои нови моменти во фудбалска игра.
Денешната победа на Иран против Велс, во ситуација кога фудбалерите на Карлос Квеирос се под постојан психолошки притисок поради политичките случувања во нивната земја, со секојдневни смртни случаи во протестите против владата на оваа земја, е дефинитивно без сомнение подвиг за одбележување.
Иранците демонстрираа пример како треба да се однесува секој поединец, одважно и храбро на терен, затоа што ниту една друга политика освен онаа фудбалската не е важна кога ќе го носиш националниот дрес.
„Ќе останете запаметени по својата храброст. Оваа победа е зрак на надеж и сила за оние во вашата земја кои се борат за слобода и правда. За многумина сте херои, а за мене пример“ – им порача и легендарниот Џиџи Буфон на Иранците.
Буквално сите азијски селекции, со исклучок на домаќинот Катар, покажаа сериозна храброст на натпреварите, но веќе и тактичка мудрост, за разлика од некои минати времиња, за да се дојде до победа над Аргентина како Саудиска Арабија, или над Германија како Јапонија. Јасно е и дефинитивно дека веќе целиот свет игра фудбал, кој не е привилегија повеќе само на Европјаните и Јужноамериканците.
ДИЛЕМА НА ДЕНОТ: Дали треба да се доделуваат домаќинства на земја која нема никаква фудбалска традиција, ама има пари!? Тогаш, следни ли се Сингапур и Малезија!?
Фудбалерите на Катар запишаа неславен рекорд како резултатски најлош домаќин во историјата на светските првенства. Со денешниот пораз од Сенегал, домаќините ги загубија сите шанси за пласман во елиминациската фаза, па Катар е првиот домаќин во историјата на Мундијалите кој натпреварувањето го завршил по само два одиграни натпревари!!!
Сето тоа ја развива дилемата и дали навистина треба да се доделуваат домаќинства на земја која нема никаква фудбалска традиција? Дали веќе исклучиво парите се важни кога фудбалот е во прашање?
Ако е така, тогаш дали фудбалскиот свет може наскоро да очекува домаќинство за Сингапур или Малезија? Сингапур, на пример, во топ пет најбогати земји во светот, трета во светот според највисок БДП по глава на жител. Земјата е дом на повеќе милионери по глава на жител од која било друга земја во светот и четврти водечки светски финансиски центар. Што значи, лесно може да изградат десет стадиони и да си добијат домаќинство на најдобрите светски фудбалери!? А, и ФИФА добро да си заработи!
ХЕРОЈ НА ДЕНОТ: Валенсија го носи Еквадор кон елиминациската фаза
Фудбалерот на Фенербахче, Енер Валенсија е херој на денот, не само за својот Еквадор за кој донесе бод против фаворизираната Холандија туку и за светот, запишувајќи се како еден од најдобрите стрелци во историјата на Мундијалите.
Со денешниот гол Валенсија го носи Еквадор речиси во следната фаза од натпреварите на СП. За жал, дуелот за него заврши несреќно со заработена повреда, па останува неизвесноста дали ќе биде на располагање за последниот натпревар од групната фаза.
РЕКОРД НА ДЕНОТ: Валенсија е само четврти фудбалер во историјата кој ги постигнал последните шест гола за својата селекција на СП
Енер Валенсија со денешниот гол против Холандија се запиша во историјата на светски фудбал. Валенсија стана само четврти фудбалер во историјата кој ги постигнал последните шест гола за една нација на Светските првенства. Покрај Валенсија со овој рекорд се уште Португалецот Еузебио од 1966 година, Италијанецот Паоло Роси од 1982 година и Русинот Олег Саленко од 1994 година.
6 – Enner #Valencia 🇪🇨 has scored each of Ecuador’s last 6 goals at the #FIFAWorldCup. He is just the 4th player ever to score 6 consecutive goals for a nation in the competition, along with Eusébio 🇵🇹 in 1966, Paolo Rossi 🇮🇹 in 1982 and Oleg Salenko 🇷🇺 in 1994. Flag.#NEDECU pic.twitter.com/MtoZw6fxmA
— OptaPaolo 🏆 (@OptaPaolo) November 25, 2022
КУРИОЗИТЕТ НА ДЕНОТ: Сенегал е првата африканска селекција која постигнала најмалку три гола против домаќин на СП, Холандија со срамни два шута
Сенегал со денешниот триумф од 3-1 против Катар се запиша во историјата на Мундијалите откако стана првата селекција која не е од Европа или Америка, а постигнала повеќе од два гола на меч против домаќин на Светско првенство.
И Катарците испишаа историја. Голот на Мохамед Мунтари (играч кој е роден во Гана) е прв за Катар на светските првенства во историјата.
Холандија запиша неславен рекорд со само два упатени шута за 90 минути против Еквадор. Ова е најмал број упатени удари на една европска репрезентација на светските првенства од 1966 година!
2 – Les Pays-Bas n’ont tenté que 2 tirs contre l’Équateur, le plus faible total pour une nation européenne lors d’un match de Coupe du Monde depuis qu’Opta analyse la compétition (1966). Timide. #NEDECU pic.twitter.com/a3gVVyI80b
— OptaJean (@OptaJean) November 25, 2022
ФОТО НА ДЕНОТ: Иранците во радост и во солзи, меѓу фудбалскиот триумф и домашните случувања!
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА