Јапонија пропушти огромна шанса да направи џиновски чекор кон осминафиналето на СП 2022 откако „самураите“ го загубија првиот денешен натпревар, од селекцијата на Костарика со минимални 0-1. На Јапонците им беше доволно и реми на овој меч за да се надеваат дека со триумф на Шпанија вечерва ќе стигнат до место меѓу најдобрите 16 селекции во светот, но со ваквиот пораз целосно ја враќаат во игра и Германија, која дури и во случај на пораз од Шпанците ќе има реални шанси за пласман во осминафиналето (со победа од два гола разлика во последното коло против Костарика).
Уште од самиот почеток стана јасно дека Костариканците се рехабилитирани од срамниот пораз од 7-0 на отворањето со Шпанија, оваа селекција многу подобро ги затвораше приодите кон сопствениот гол, не дозволувајќи му на противникот да создава шанси во нивниот шеснаесетник. По приспивното прво полувреме, Јапонија заигра подобро во вториот дел, создаде неколку полушанси, имаше и два слободни удари од помалку од 20 метри, но не успеа да го совлада Кејлор Навас.
Клучен момент се покажа 81. минута, кога Јапонците загубија топка на дваесетина метри од сопствениот гол, таа стигна до Фулер кој пласираше. Голманот Гонда ја имаше на раце, но не изреагира најдобро и дозволи таа да заврши во горниот агол од неговиот гол.
Најубавата шанса на мечот Јапонија ја имаше во самиот финиш, но Кејлор Навас со одлична интервенција спречи израмнување, оставајќи ја и Костарика во игра за пласман во осминафиналето.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА