Хрватска одигра одличен меч и заслужено славеше со убедливи 4-1 над Канада, за прва радост на „коцкестите“ на СП 2022. Триумфот е уште позначаен ако се знае дека Канаѓаните први поведоа уште на самиот почеток, но избраниците на Далиќ покажаа и квалитет и карактер, доминирајќи на теренот и стигнувајќи до убедлива победа. Сепак, ситуацијата во групата е крајно компликувана, па Хрватите ќе мора да одиграат идентично и во последното коло против Белгија, каде не смеат да си дозволат пораз ако сакаат да се пласираат во осминафиналето.
Канаѓаните изненадија со водечкиот гол на Дејвис во втората минута, но по почетниот шок „коцкестите“ успеаја да се рехабилитираат, да влезат во ритам и да почнат да го диктираат темпото.
Андреј Крамариќ биеше прецизно на асистенција на Ливаја, но тој погодок беше поништен поради офсајд. Сепак, таа акција беше најава за далеку подобра игра на Хрватите, кои во 36. минута стигнаа до израмнува. Повторно Крамариќ беше играчот кој го совлада голманот Борјан, овојпат асот на Хофенхајм избегна офсајд и мајсторски биеше ниско по земја во долниот агол од противничкиот гол. Овој гол им даде крилја на светките вицешампиони, кои продолжија да доминираат на теренот и заслужено поведоа преку Ливаја, откако голгетерот на Хајдук шутираше прецизно од работ на шеснаесетникот, за голема радост на хрватските фанови.
Канада се закани на почетокот од второто полувреме, но како што одминуваше времето, така Хрватска ја преземаше контролата над средината од теренот. Крамариќ со својот втор гол донесе водство од 3-1 и ги разреши дилемите околу победникот, додека конечните 4-1 во судиското продолжение ги постави Ловро Мајер.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА