Тотален „раскол“ во Белгија: Селекторот ги нападна фудбалерите…, тие почнаа да се обвинуваат меѓу себе!

Репрезентацијата на Белгија е очајна кога се во прашање игрите на терен на Светското првенство во Катар, меѓутоа очигледно е дека очајна е состојбата во селекцијата и надвор од теренот.

Дека има сериозни проблеми во белгиската репрезентација беше јасно уште по првото коло кога Кевин Де Брујне се појави со изјава која ги „збесна“ поголемиот дел од навивачите на Белгија. Де Брујне истакна дека тимот на Белгија е престар за да го освои Светското првенство.

А, по вчерашниот пораз од Мароко проблемите дополнително се зголемија откако селекторот Роберто Мартинез одлучи јавно вината да ја насочи кон играчите.

„Тоа е повеќе состојба на духот, а не во прашање недостаток на квалитет на техничко ниво или тактика. Ова е чиста одговорност на играчите кои немаат никаква леснотија во играта“ – изјави, меѓу другото, Мартинез.

А, дека многу нешта не се во ред потврдува и изјавата на дефанзивецот Јан Вертонген…

„Мислам дека проблемот е во нападот. Веројатно лошо напаѓаме затоа што сме престари, зарем не?“ – рече Вертонген на тој начин индиректно прозивајќи го Де Брујне, со кого наводно имал жестока расправа по поразот од Мароко.

Белгија сега пред себе има тешка задача да се пласира во осминафиналето. Нема калкулации за последното коло каде мора да одат на победа против светскиот вицешампион Хрватска.

Се вчитува...