Математика: Што е потребно за да се стигне до осминафинале?

Со денешните последни средби од групната рунда и дефинитивно ќе бидaт познати сите осминафинални двојки на СП во Катар. Во центарот на вниманието во регионот сигурно е дуелот меѓу Србија и Швајцарија, а многу возбудувања се очекуваат и на пресметката меѓу Гана и Уругвај.

Во групата Г вечерва силите ќе ги одмерат Србија и Швајцарија, како и аутсајдерот Камерун и големиот фаворит Бразил, чиј селектор Тите веќе најави дека ќе одмори голем дел од првотимците.

БРАЗИЛ: „Кариоките“ веќе се во осминафиналето, а со победа или со реми би го осигурале првото место во групата. Тоа може да го сторат и со пораз, но тогаш за Бразил да остане прв ќе треба Швајцарија да не слави на дуелот со Србија.

ШВАЈЦАРИЈА: Со победа оди во осминафинале. Може да се пласира и со реми, доколку Камерун не слави на мечот со Бразил.

КАМЕРУН: Може да оди во осминафинале со победа, ако Швајцарија загуби, но Камерун слави со поголема гол-разлика од Србија. Може да се пласира со победи и ако е реми на мечот Швајцарија – Србија, но само доколку постигне повеќе голови од Швајцарија.

СРБИЈА: Се квалификува со победа над Швајцарија ако Камерун ремизира или загуби од Бразил. Ако Камерун слави, тогаш Србија ќе мора да победи со поголема разлика на својот меч.

Португалија е лидер во групата Х и во последното коло ќе се сретне со Јужна Кореја, додека Уругвај го очекува тешка пресметка со Гана.

ПОРТУГАЛИЈА: Роналдо и соиграчите веќе се во осминафиналето, а доколку останат непоразени сигурно ќе останат на врвот на табелата. Тоа може да го сторат и со пораз, доколку Гана на вториот меч не го совлада Уругвај, при што во игра би била гол-разликата.

ГАНА: Со победа е сигурно во осминафиналето. Може да остане на второто место и со реми, доколку Јужна Кореја не слави над Португалија.

ЈУЖНА КОРЕЈА: Мора да победи со Португалија, но треба и Гана да загуби на својот меч, при што Јужна Кореја би славела со поголема разлика од Уругвај. Корејците можат да се пласираат во осминафинале и во случај на реми на мечот Гана – Уругвај, но во тој случај ќе им треба победа од два гола разлика.

УРУГВАЈ: Оди во осминафинале со победа над Гана, доколку Јужна Кореја не слави над Португалија. Доколку слават и Корејците, тогаш Уругвај ќе мора да победи со поголема гол-разлика од овој ривал.

Се вчитува...