Швајцарија е последниот осминафиналист на СП 2022 во Катар откако Швајцарците во клучниот меч славеа над Србија со 3-2. Дуелот беше суперинтересен и со големи пресврти, за на крај Швајцарија да биде селекцијата што се радува на пласман меѓу 16-те најдобри репрезентации во светот.
Првата минута беше добра најава за овој драматичен дуел, откако Швајцарците промашија две стопроцентни шанси во почетните триесетина секунди. Следеше првиот обид на Србија, кога шутот на Живковиќ заврши во дирекот, за неколку минути подоцна Швајцарија да поведе преку Џердан Шаќири. Примениот погодок само ги мотивираше Србите да заиграат уште поофанзивно, па во рок од петнаесетина минути избраниците на Стојковиќ направија пресврт со головите на Митровиќ и на Влаховиќ.
Шансата за Србија беше пропуштена кога беше примен гол пред самиот крај на полувремето, кога Швајцарија успеа да стигне до израмнување преку Емболо. Со тоа повторно се крена атмосферата во швајцарскиот табор, па оваа селекција на стартот од вториот дел поведе со 3-2 со голот на Фројлер, кој се покажа победнички бидејќи изостанаа возбудувањата до самиот крај на мечот.
Камерун на вториот меч од оваа група го шокираше фаворитот Бразил, славејќи со 1-0 со голот што го постигна Абубакар во 92. минута.
Бразил остана првопласиран во групата со шест бода и подобра гол-разлика од Швајцарија, Камерун беше трет со четири бода, додека Србија го освои последното место во групата со само еден освоен бод.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА