КАТАР НА „КАНТАР“ – ТЕМА И ДИЛЕМА (12): Балканот секогаш имал класа фудбалери, ама менталитетот ја „руши“ класата!

Осврт со најважните моменти кои го одбележуваат мундијалскиот ден. На вага клучните поенти, случувања, теми и дилеми…, кои вреди да се „измерат“ како заокружување на дневните возбудувања во Катар.
================================================================================

ТЕМА НА ДЕНОТ: Ако се изземе Хрватска која одамна го надмина балканскиот комплекс, Балканот има само инцидентни успеси на Мундијалите во историјата!

Балканскиот полуостров несомнено е огромен расадник на извонредни фудбалери од светска класа почнувајќи од првите повоени години со Драгослав Шекуларац, Драган Џајиќ, Николае Добрин, Христо Стоичков, Георге Хаџи, па Дејан Савичевиќ, Драган Стојковиќ – Пикси, Дарко Панчев, се до Шукер, Мијатовиќ, Бобан, и помладите генерации… Но, никогаш земјите од Балканот не успевале да бидат долг фактор во светскиот фудбал на репрезентативно ниво.

Балканот има само инцидентни успеси на Мундијалите во историјата, ако се изземе Хрватска која во последните 20 години и тоа како игра сериозно значајна улога на светските првенства. Единствени две балкански селекции кои успеаја да се пласираат на Мундијалот во Катар се Хрватска и Србија, но ако се знае дека Хрватите одамна се издвоени од балканскиот комплекс, некако се чини Србија беше единствен типичен претставник на балканскиот фудбал и разочара. Затоа што некако очигледно е дека на Балканот менталитетот ја руши класата, која и тоа како индивидуално постои.

Досега во историјата, Бугарија, Романија, Грција…, а претходно поранешна Југославија, единствено инцидентно низ изминатите 92 години успевале да блеснат како колектив на Мундијалите. Бугарија во историјата седум пати учествувала на СП, притоа единствено со најголем успех на СП 1994 до четвртото место, а потоа од 1998 година воопшто не успеваат да се пласираат на СП. Единствен успех за Романците во историјата е четвртфинале на СП 1994 во САД, а Грција, пак, во три учества на Мундијалите единствено успеала да ја мине групата на СП 2014. Црна Гора, Албанија и Македонија никогаш не успевале и да се пласираат на СП.

Поранешна СФРЈ, пак, и покрај бројните класа индивидуалци кои биле меѓу најдобрите во Европа, има само два резултати во историјата кои вреди да се издвојат. Четвртото место на СП 1962 во Чиле, и петтото место на СП 1990 во Италија кога во репрезентацијата беа и Дарко Панчев и Вујадин Станојковиќ.

Сето тоа сега, ако се погледне настапот на Србија во Катар, јасно кажува дека уште долго балканските репрезентации ќе се мачат да изградат колектив моќен за позабележителни успеси. Затоа што повеќе од несериозно изгледаа Србите кои на крајот се најлошата селекција, заедно со Костарика, со осум примени гола во три натпревари на Мундијал!

ХЕРОЈ НА ДЕНОТ: Кореецот Хванг Хе-Чан во 91. минута ја однесе својата селекција во осминафинале

Хванг Хе-Чан е херој на денот кој успеа да донесе уште едно изненадување на Мундијалот со победата на Јужна Кореја од 2-1 против Португалија.

Јужна Кореја продолжува во нокаут-фазата благодарение на голот на Хе-Чан во 91. минута за триумф над Португалија и огромна тага за Уругвај кој го заврши шампионатот.

РЕКОРД НА ДЕНОТ: Џердан Шаќири единствен во друштво на Роналдо и на Меси

Џердан Шаќири се најде во друштво на Кристијано Роналдо и на Лионел Меси. Шаќири, со денешниот погодок против Србија, успеа да се запише како само еден од тројца фудбалери кои успеале да постигнат гол на последните три светски првенства, покрај Роналдо и Меси.

 

КУРИОЗИТЕТ НА ДЕНОТ: Првпат во историјата три репрезентации од Азиската конфедерација се пласираа во осминафинале

Првпат во историјата на светските првенства, три репрезентации од Азиската конфедерациска зона обезбедиле место во нокаут-фазата на СП. Во Катар тоа се Јапонија, Јужна Кореја и Австралија.

Гана, пак, со промашениот пенал против Уругвај е единствена репрезентација која успеале да промаши два пенали на мундијалите против еден ист противник. Претходно, Гана не реализираше пенал против Уругвај и на СП 2010.

ФОТО НА ДЕНОТ: Пикси во депресија!

Се вчитува...