Светското првенство во Катар денеска ќе ја добие и втората четвртфинална двојка. Можно ли е да добиеме дуел меѓу гигантите Франција и Англија рано на Мундијалот, или, пак, Полска и Сенегал ќе направат изненадување?
Вчера немаше изненадувања, односно Аргентина и Холандија ги оправдаа фаворитските улоги и меѓусебно ќе се сретнат во 1/4 финалето, а денеска ќе се обидат истото да го сторат и Франција и Англија.
Прва на големата сцена стапува светскиот првак Франција. Французите за ривал ја имаат Полска, која со Левандовски и останатите може да биде многу опасна, иако не се покажа во групната фаза.
„Мораме да ја респектираме Полска“, рече францускиот селектор Дидие Дешамп пред денешниот дуел.
„Сите играчи им играат во силни првенства. Полска се брани многу, и се брани добро. Имаат многу добри играчи со големо искуство. Мораме да внимаваме и да ги респектираме“, изјави Дешамп.
Англија вечерва против Сенегал важи за голем фаворит. Но фактот дека Сенегал е шампион на Африка, ги натера Англичаните да бидат многу внимателни, и покрај тоа што нивниот најголем адут Садио Мане не е на овој Мундијал.
„Знаеме дека се шампиони на Африка и сигурен сум дека против нас ќе дадат максимум. Играат без Мане кој е одличен играч, но и без него Сенегал е силен тим и покажаа карактер и покрај тоа што го нема Мане на теренот. Ќе мораме да бидеме подготвени и да го дадеме максимумот за да го добиеме мечот“, рече Герет Саутгејт, селекторот на Англија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА