Рајковиќ и ЦСКА остануваат перфектни, нов триумф над Димитријевиќ и Уникс

Емил Рајковиќ и ЦСКА Москва останаа со перфектен скор во регионалната ВТБ-лига откако одличниот стратег стигна до уште една дерби-победа, против Ненад Димитријевиќ и неговиот Уникс Казањ. Дерби мечот беше суперинтересен, ЦСКА пропушти можност да го добие уште во регуларниот дел, за избраниците на Рајковиќ сепак преку дополнителни пет минути да стигнат до победата.

Уникс почна фуриозно, Димитријевиќ набрзина погоди две тројки, а домашниот состав поведе со двоцифрена предност (16-6). ЦСКА успеа да се врати до крајот на полувремето, но кошаркарите на Уникс повторно блеснаа во третиот период, успевајќи резултатски да се одлепат. Се чини пресудна беше тактичката одлука на Рајковиќ, кој во клучните моменти се реши за висока петорка, со Милутинов, Жан Шарл и со Курбанов, со која ЦСКА заигра беспрекорно во одбраната, ги затвори приодите кон сопствениот кош и направи целосен пресврт. Во драматична завршница гостите од Москва го имаа последниот напад, но згрешија при изведувањето од страна, потоа кошаркарите на Уникс ја загубија топката во обидот за контранапад, за на спротивната страна Курбанов да задоцни за нецела секунда при обидот за победничко забивање.

Во продолжението поумешни бра избраниците на Рајковиќ, кои успеаја на кајот да триумфираат со конечни 93-95, откако Димитријевиќ промаши тројка од многу тешка позиција со која можеше да донесе триумф на својот тим.

Македонскиот плејмејкер беше меѓу најдобрите поединци во својата екипа, постигнувајќи 19 поени (четири во продолжението) и шест асистенции. ЦСКА Москва уште повеќе се зацврсти на чело на табелата со 14 победи и ниту еден пораз, пред Уникс, кој има 12 победи и два порази (двата од ЦСКА).

Се вчитува...