Чаир ја наполни „Автокоманда“, но не успеа да го совлада Макаби (Фотогалерија)

Ракометарките на Чаир загубија со 30-33 на првиот натпревар од третото коло во Купот на Европа на ЕХФ во кој македонскиот претставник за ривал го имаше израелскиот состав на Макаби Рамат Ган. Мечот се одигра во одлична атмосфера откако домашните фанови ја наполнија салата „Автокоманда“, но поддршката од трибините за жал не беше доволна за да се стигне до позитивен резултат.

Мечот почна со израмнета игра во која македонскиот претставник на моменти имаше предност, но не успеваше посериозно да се одлепи. Гостинките од Израел направија целосен пресврт кога од 10-8 за Чаир поведоа со 10-12. Ракометарките на Чаир немаа сили кон крајот на полувремето, па по 13-15 примија три гола во низа и на одмор заминаа со убедливи пет гола негатива. Израелките рутински го одржуваа водството во голем дел од второто полувреме.

Чаир за момент се приближи на два гола негатива (26-28), но македонскиот тим не успеа целосно да се врати во мечот, на крајот губејќи со „минус три“.

Гулицоска го предводеше Чаир со дури 14 постигнати погодоци, шест гола реализираше Николовска, додека три пати прецизна беше Џакмиќ.

 

Се вчитува...