Пиринејско 1/4 финале, или Мароко и Швајцарија имаат други планови?

Последните две осминафиналиња денеска ќе ги комплетираат сите двојки во 1/4 финалните пресметки на Мундијалот во Катар. Ќе се случи ли да има пиринејско 1/4 финале меѓу Шпанија и Португалија, или, пак, Мароко и Швајцарија имаат сосема поинакви планови.

Шпанија „самите“ си го одбраа Мароко за ривал во 1/8 финалето со поразот од Јапонија. Мароко заврши како првопласиран тим во групата заедно со Хрватска и со Белгија, и се надева дека ќе „бутне“ уште еден ривал на патот кон 1/4 финалето.

„Продолжуваме да играме нашиот стил. Тоа е стилот од кој не отстапуваме. Ова ќе биде специјален натпревар поради односите кои ги негуваат двете земји. Имаме добра шанса да одиме во следната фаза. Нашата цел е да одиграме седум натпревари на Мундијалот“, рече Луис Енрике. 

„Шпанија има над 70% посед на топката. Тоа може да е здодевно за публиката, но и за останатиот тим.  Тие ја држат топката и тоа го нервира противникот кој прави грешки. Затоа јас велам дека треба да бидеме ментално подготвени за овој натпревар. Треба да учиме од Јапонија каде што Шпанија ја имаше топката, но на крајот Јапонија загуби“, рече селекторот на Мароко, Валид Реграгуи. 

Португалија на овој Мундијал ќе игра за Кристијано Роналдо, кому ова ќе му биде последен Мундијал, и ќе сакаат Португалците да стигнат што подалеку, за да му овозможат достојно простување од Мундијалите, па дури ако може и со трофеј. На нивниот пат стојат незгодните Швајцарци, кои со победата над Србија обезбедија учество во 1/4 финалето.

„Ќе биде дуел на две добри екипи, тежок натпревар, но сигурен сум дека ќе победиме. Веруваме дека ќе издвојуваме триумф. Деталите ќе одлучат на овој меч. Швајцарија игра конкретно и знае што сака. Тоа не е одбранбена селекција и многу добро организирана. Ќе имаме проблеми, но мислам дека добро ќе ги решиме“, рече Фернандо Сантош. 

„Не се фокусираме на пенали, сакаме да го решиме мечот во регуларното време. Но, ако ги има, моите играчи знаат да се носат и со тој предизвик“, рече Мурат Јакин и додаде: 

„Сакам тимот да игра добро, тоа ми е најважно. Сите задачи да бидат исполнети. Ќе немаме посебен чувар за Роналдо. Добро сме подготвени и мораме да бидеме дисциплинирани и трпеливи“, потенцираше Јакин. 

Се вчитува...