Кристијано Роналдо го губи статусот на спортска икона и во родната Португалија, покажуваат резултатите од анкетата на весникот „А Бола“. На прашањето дали Кристијано Роналдо треба да остане првотимец на Португалија и за денешниот осминафинален меч против Швајцарија, над 70% од одговорите биле негативни, односно дека селекторот Сантош треба да го пресели капитенот на клупата за резерви.
Роналдо успеа да се запише меѓу стрелците, но придонесот на теренот му е далеку под очекувањата, а во преден план повторно е неговото однесување, откако Кристијано бурно реагираше при замената на последниот меч со Јужна Кореја. Иако потоа следеше изговор дека конфликтот бил со противнички фудбалер, а не со селекторот, самиот Сантош по мечот изјави дека е разочаран од однесувањето на најголемата фудбалска ѕвезда во неговата репрезентација.
Ваквото однесување на Роналдо, на кое сведоци бевме и во последните месеци во Манчестер Јунајтед, очигледно им доаѓа преку глава и на навивачите.
„Кажете ми причина зошто да биде стартер. Тој не е стартер ниту во својот клуб цела сезона, очигледно е надвор од форма. На секои седум дена по еден ден е болен и не тренира“, се вели во еден од бројните коментари на анкетата на весникот „А Бола“.
„Тој воопшто не требаше да биде во составот по сето она што се случи во Манчестер Јунајтед. Кристијано требаше да биде лидер, наместо тоа тој стана товар на репрезентацијата. Жално е што си го урива имиџот што си го имаше изградено. Тој не е повеќе ЦР7 туку ЦР 37“, се надоврзува друг читател на весникот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА