Панчев: Успехот на Хрватска не е случаен, и натаму сум на став дека треба регионална лига

На подкастот „Спортлајт“, зборуваше легендарниот Дарко Панчев кој го коментираше Мундијалот во Катар и пред се Хрватска и Србија.

Панчев уште еднаш кажа дека е потребна балканска лига во фудбал, односно една лига во која ќе учествуваат тимови од поранешните југословенски простори. Панчев смета дека квалитетот на репрезентациите е сега опаднат поради тоа што е опаднат и квалитетот на првенствата низ земјите во поранешна Југославија.

„По распадот на Југославија, падна квалитетот на фудбалот. Можеби само Србија и Хрватска се одржаа до некаде. Гледајте ги нашите во Европски купови и јасно ви е се. Некое ниво држат Динамо, Звезда и Партизан. Јасно е лигите дека се слаби, а во такви лиги тешко се создаваат такви играчи. Јасно е дека кога игравме ние требаше многу работа и квалитет. Сето тоа има многу последици. И сега доаѓаме до втор момент, и фудбалот стана зависен од пари. Ако немаш пари, залудно е се“, вели Панчев и додава:

„Ова што се случува во Хрватска, тоа не е случајно. Уште пред 20 години Загреб го финансираше Динамо со 7-10 милиони марки годишно. И после тоа финансирање, се врати во таа мерка, затоа што од тој Динамо излегоа многу добри играчи и градот практично си ги врати вложувањата и сега Динамо е далеку пред сите. Хајдук беше многу запоставен, по мене свесно, но тоа подобро ги знаат медиумите и навивачи. Еве гледајте и во Србија, откако државата почна да ги помага Црвена Звезда и Партизан, веднаш се чувствува, и преку тие клубови играчи отидоа надвор, и веднаш се чувствува и за репрезентацијата.

И јас зборувам веќе 15-20 години наназад дека сите би добиле кога би се вовела таа регионална фудбалска лига по примерот на АБА во кошарката. Не е исто Хајдук да игра во Вараждин, и да оди во Белград, во Скопје. Дали ќе дојде до тоа, не знам, но јас зборувам дека квалитетот дефинитивно ќе се зголеми“, кажа Панчев.

Коментираше и за српската репрезентација, и кажа дека на Драган Стојковиќ-Пикси треба да му биде продолжен договорот.

„Очекувањата од Србија беа поголеми, затоа што играа добро во квалификациите. Неслучајно ја победија Португалија во Лисабон. Не како ние против Италија со еден шут, но тие го разбија противникот во Лисабон. Го познавам Пикси од млади денови, тој е искрен и знае да работи добро. Јас му верувам кога кажува дека има 7-8 повреени играчи. Нема причина да бара алиби и мислам дека сега треба да му се продолжи договорот“, рече Панчев.

Се вчитува...