Еурофарм Пелистер претрпе нов убедлив пораз во Лигата на Европа на ЕХФ, прв на гостински терен сезонава откако битолскиот клуб загуби на дуелот во Шпанија од Бидасоа Ирун со резултат 32-20. Играта на македонскиот вицешампион воопшто не функционираше, во првото полувреме целосно потрфли одбраната со 20 примени гола, во вториот воопшто не функционираше ниту нападот, па убедливиот пораз беше неизбежен на овој дуел, што тренерот Валтер и неговите избраници ќе настојуваат што поскоро да го заборават.
Од самиот почеток стана јасно дека битолчани ќе имаат проблеми во одбраната да ги запрат нападите на шпанскиот состав, кој во првите пет минути успеа да постигне четири погодоци. Во почетните минути барем нападот на Еурофарм Пелистер функционираше солидно, па „фармацевтите“ не дозволија противникот посериозно да се одлепи (3-2, 4-3, 5-4, 6-5). Бидасоа за првпат се одлепи кога постигна два гола по 8-7, набрзина стигнувајќи до водство од 10-7. Хенеберг од пенал само за момент ја прекина серијата на домашниот тим, но Шпанците продолжија да доминираат, во меѓувреме ја зацврстија и одбраната, па македонскиот вицепрвак се потешко го наоѓаше патот до мрежата. Тренерот Валтер побара и тајмаут, но ситуацијата на теренот не се промени, во меѓувреме Хенеберг не реализираше и седмерец (неуспешен обид за лоб), а Бидасоа доминираше до крајот на полувремето, на одмор заминувајќи со преубедливи 20-12.
Второто полувреме почна со гол на Костески, „пелистерци“ заиграа далеку подобро во одбраната, па домаќините првиот гол во вториот дел го постигнаа дури во 37. минута, преку Митиќ. Атанасијевиќ постигна фантастичен погодок, втор за „пелистерци“ по девет минути игра во второто полувреме, но овој меч дефинитивно мина во знакот на Бидасоа, па така шпанскиот тим во 42. минута преку искусниот Агинагалде поведе со двоцифрена предност (25-15). Валтер беше принуден да го побара и последниот тајмаут на мечот, но ситуацијата на теренот не се промени, па Шпанците рутински го приведоа мечот до крај, славејќи со конечни 32-20.
Хенеберг со шет и Танкоски со четири погодоци беа најефикасни во таборот на македонскиот претставник, додека Угарте со шест гола беше најдобар поединец во таборот на Бидасоа.
Во наредното коло, за седум дена, битолчани на домашен терен ќе го пречекаат истиот ривал во обид за реванш и победнички крај на оваа 2022 година.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА