Поранешниот претседател на Фудбалската федерација на Македонија, Илчо Ѓорѓиоски е гостин на ФИФА на Светското првенство 2022 во Катар на кое беше дел и од ревијалниот натпревар на „Легендите на ФИФА“ кој вчера се одигра во Доха, во рамките на заедничките слободни активности на поранешни и актуелни функционери во комисиите на светската фудбалска федерација.
Ѓорѓиоски беше дел од ревијалниот меч на „Легендите на ФИФА“ во друштво на првиот човек на ФИФА, Џани Инфантино но и екс-ѕвездите на светскиот фудбал Роберто Карлос, Хавиер Занети, Луис Фиго… како и челните лица на континенталните фудбалски федерации.
„Ова е мое трето едноподруго светско првенство во рамките и на работните групи на ФИФА, претходно и како функционер на ФФМ, но може слободно да кажам дека шампионатот во Катар е убедливо најдоброто првенство на кое сум присуствал, буквално во секоја смисла. Погледнато и од организациски аспект, погледнувајќи ги стадионите на кои се игра, сместувачки капацитети, транспорт и услови за работа на сите службени лица, па се до квалитетот на фудбал кој е демонстриран“ – порачува од Катар, Илчо Ѓорѓиоски.
Што се однесува, пак, до фудбалска игра генерално се исполнети очекувањата на Ѓорѓиоски, иако со одредени изненадувања. Но, согласно сумираните впечатоци, вистинските фаворити за трофејот се меѓу осумте најдобри…
„Од прикажаниот фудбал досега на шампионатот, мислам дека победникот од четвртфиналната пресметка меѓу Франција и Англија на крајот ќе го освои Мундијалот во Катар. И двете досега демонстрираа најдобар фудбал, Франција го има Килијан Мбапе, според мене досега најдобриот играч на шампионатот, а Англија е тим со најдобар баланс, колективно фокусиран со индивидуалци кои може да направат разлика“ – е ставот на Ѓорѓиоски.
Франција и Англија во четвртфиналето на СП 2022 се среќаваат утре (10. декември) со почеток од 20 часот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА