Првата лига продолжува со два натпревари во Струмица и Куманово

Прволигашката кошарка во Македонија продолжува денеска со два натпревари од 9. коло во кои силите ќе си ги одмерат Струмица и ТФТ, односно Куманово и Академија ФМП.

ТФТ по поразот во претходното коло цели кон враќање на победничките патеки на гостувањето во „Парк“ од 18 часот, меѓутоа избраниците на Боро Смилковски ќе треба да бидат на врв на својата задача против незгодниот домашен тим. Струмичани имаат лош старт на сезоната и само една победа со која се заковани на дното на табелата па императив ќе биде победа против актуелниот освојувач на Купот на Македонија.

Час подоцна (19:00) голема битка за избегнување на долниот дел од табелата ќе водат и Куманово и Академија ФМП кои во досегашниот дел од сезоната запишаа само две победи. Кумановци ќе бараат рехабилитација од убедливиот пораз од Работнички, додека „академиците“ влез во победничка серија по триумфот над Струмица.

Во недела не очекуваат три возбудливи натпревари, а истите започнуваат од 18 часот во Кавадарци каде силите ќе си ги одмерат Еуро Никел и Гостивар. Од 19 часот и 30 минути новалијата Чаир го пречекува Работнички во првиот натпревар во „Шабан Трстена“, додека од 20 часот во СЦ „Јане Сандански“ силите ќе си ги одмерат Феникс 2010 и Пелистер во натпреварот на колото.

Деветото коло ќе биде комплетирано во понеденик во Гевгелија каде Кожув ќе го пречека актуелниот шампион МЗТ Скопје.

Се вчитува...