Бразил и Хрватска играат без голови, 0-0, по првите 45 минути од премиерниот четвртфинален меч на мундијалот во Катар. Бразилците влегоа како големи фаворити во овој дуел, но се мачат да ја оправдаат улогата пред се благодарение на одличното издание на хрватскиот состав, кој со храбра игра ги изненади избраниците на Тите.
За разлика од претходните ривали на Бразил, „коцкестите“ не се решија да се бранат на сопствената половина, туку со пресинг уште на противничкиот дел од теренот го исфрлија од ритам противникот. Јурановиќ е многу опасен по десната страна, уфрлајќи се од позадина, а токму овој фудбалер одлично втрча и изнуди жолт картон од Данило, кој опасно играше со високо крената нога.
Бразил имаше убава можност кога Винисиус одигра двојно додавање со Ришарлисон, но Гвардиол се најде на вистинското место и не дозволи топката по ударот на асот на Реал воопшто да стигне до голманот Ливаковиќ.
Возбудувањата на овој меч допрва претстојат, но по овие 45 минути на Бразилците дефинитивно ќе им стане јасно дека пред себе ќе имаат многу посериозна задача отколку во осминафиналето со Јужна Кореја.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА