Бразил и Хрватска ќе играат продолженија од два пати по 15 минути за да биде одреден првиот полуфиналист на СП во Катар, по интересните 120 минути игра на стадионот во Доха. Главен виновник за овој исход од 0-0 е хрватскиот голман Доминик Ливаковиќ, кој со неколку извонредни интервенции во второто полувреме ги откажа бразилските напаѓачи, кои не успеваат да најдат начин да ја затресат неговата мрежа.
За разлика од претходните ривали на Бразил, „коцкестите“ не се решија да се бранат на сопствената половина, туку со пресинг уште на противничкиот дел од теренот го исфрлија од ритам противникот. Јурановиќ е многу опасен по десната страна, уфрлајќи се од позадина, а токму овој фудбалер одлично втрча и изнуди жолт картон од Данило, кој опасно играше со високо крената нога. Бразил имаше убава можност кога Винисиус одигра двојно додавање со Ришарлисон, но Гвардиол се најде на вистинското место и не дозволи топката по ударот на асот на Реал воопшто да стигне до голманот Ливаковиќ.
Второто полувреме донесе поинаква слика на теренот, откако Бразилците притиснаа и многу полесно ја префрлаа топката во противничкиот шеснаесетник. Хрватска за среќа го имаше извонредниот Ливаковиќ на голот, откако соиграчот на нашите Адеми и Ристовски од Динамо Загреб блесна во вистински момент, бранејќи ги одличните шанси на Нејмар и на Пакета. Во периодот од 75. до 80. минута Нејмар и Пакета повторно имаа опасни удари кон хрватскиот гол, но исто како и претходно, Ливаковиќ повторно беше поуспешен од нив.
По 90 минути игра, резултатот е 0-0, а останува да се види дали ќе бидеме сведоци на гол во продолженијата, или првиот полуфиналист ќе биде одреден со пенал-рулет.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА