МЗТ Скопје претрпе мов пораз во АБА-лигата, овој може да биде и најболен за македонскиот првак ако се знае дека е забележан од „фенерџијата“ Борац Чачак (73-81), директниот ривал на „металците“ во борбата за опстанок. Скратената ротација по заминувањето на Магдевски и на Ајви и недоаѓањето на ниту еден новкошаркар се покажа како проблем за кој стручниот штаб на „металците“ немаше одговор, нешто што Борац предводен од Американецот Хејл знаеше како да го искористи за да си го трасира патот до победата.
Почетокот беше катастрофален, а во играта на МЗТ веднаш стана очигледно отсуството на Ајви, поради недостигот на агресивност во одбраната, но и на играчот кој може да го нападне противничкиот кош во нападот. Играта на „металците“ се базираше на шутеви од далечина (1/6 за тројка по пет минути), но уште поголем проблем беше нефункционирањето на одбраната. Тимот на Борац знаеше како да го искористи тоа, добивајќи ја првата четвртина со 19-26, а потоа успевајќи уште повеќе да ја зголеми предноста, до преубедливи 35-50 на крајот од вториот период.
Јасно беше дека Борац нема да може да продолжи да шутира со таква ефикасност (47% за тројка во првото полувреме), МЗТ заигра поагресивно во одбраната, што придонесе и предноста на противникот да почне да се топи. Аеродромци бодрени од верните навивачи (салата повторно не беше ниту половина исполнета) успеаја да се вратат, па во последните десет минути се влезе со резултат 56-64. Цврстата одбрана беше заштитен знак на МЗТ Скопје на стартот од четвртата четвртина, Робев блесна со две украдени топки и четири поени со кои предноста на Борац на седум минути до крајот се истопи на само два поени (62-64).
Хејл се разбуди во најлош момнт за македонскиот првак, па гостите од Србија поведоа со 64-70, принудувајќи го Петровиќ на тајмаут. Кефи беше катастрофален (промашено чисто положување, па загубена топка), што Борац го искористи за да поведе и со плус девет (64-73) на пет минут до крајот. И покај обидите за камбек, МЗТ немаше сили во клучните моменти, на крајот губејќи го овој натпревар со конечни 73-81.
Миќовиќ со 14 и Дамјан Стојановски со 13 поени беа најефикасните во таборот на аеродромци, каде тотално потфрли Американецот Кефи, кој на мечот на кој целосно требаше да ја преземе одговорноста во креирањето на нападот беше катастрофален, со само четири поени и шут од поле 1/11.
МЗТ Скопје во следното коло, наредниот петок ќе му гостува на тимот на Задар.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА