Расплаканиот Кејн доби утеха од Саутгејт: „Победуваме и губиме како тим…, без Кејн немаше да бидеме ни тука!“

Англија доживеа елиминација од Франција во четвртфиналето на Мундијалот во Катар. Трагичар кај Англичаните беше капитенот Хари Кејн кој во 84. минута не реализираше пенал за 2-2.

А, дека на Кејн воопшто не му е лесно по тоа промашување беше јасно по крајот на мечот кога остана сам расплакан на теренот не верувајќи дека е причината за елиминацијата на неговата селекција.

Ситуацијата можеше да ја смири само селекторот Герет Саутгејт кој го утеши Кејн на терен, но и на официјалната прес-конференција истакна дека промашувањето воопшто не е важно затоа што Кејн останува лидерот на оваа англиска селекција.

„За мене, ние победуваме и губиме како тим. Примивме два гола и промашивме шанси кои можеби можевме да ги реализираме. Хари Кејн толку пати беше неверојатен за репрезентацијата. Така поуздан и доследен до крај. Ние немаше да бидеме тука да не беа головите кои ги постигна за нас“ – истакна Саутгејт и дополни:

„Мислам дека со играта заслуживме повеќе од овој меч. Им кажав на играчите дека не можеа да дадат повеќе од себе отколку што дадоа, а одлучија само нијанси. Горд сум на начинот на кој го одигравме овој турнир. Честитки на Франција. Не можевме да направиме ништо повеќе“.

 

Се вчитува...