Аргентинците се пласираа во полуфиналето на Мундијалот во Катар по пенал-драмата против Холандија во која херој на „гаучосите“ беше голманот Емилијано Мартинез со два одбранети пенали.
Мечот донесе и многу тензија, беше на раб и на општо хаос, за да на крајот Мартинез во изјава испрати серија навреди и кон главниот судија.
„Судијата им даде се и ги врати. Даде 10 минути продолжение без никаква причина. Само сакаше да постигнат гол. Тој човек е луд. Со оглед на тоа што неговата Шпанија беше елиминирана, сакаше да не исфрли и нас. Тој е најлош судија на светското првенство. Се надевам дека повеќе нема да суди затоа што е бескорисен“ – изјави по мечот Мартинез.
А, сега токму поради таа изјава се соочува со суспензија за следниот натпревар со Хрватска. Дисциплинската комисија на ФИФА потврди дека е покрената истрага.
„Дисциплинската комисија на ФИФА отвори постапка против Аргентинскиот фудбалски сојуз за кршење на членот 12 (недолично однесување на играчите и службените лица) и член 16 (ред и безбедност на натпреварот) од Дисциплинскиот кодекс на ФИФА“ – се наведува во соопштението на ФИФА.
Ќе бидат, исто така, разгледувани и навредите кои Мартинез и Лионел Меси ги упатија и кон членовите на стручниот штаб на Холандија.
Аргентинците за полуфиналето против Хрватска нема да може да сметаат и левиот бек Маркос Акуња и десниот бек Гонзало Монтиела поради заработени жолти картони.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА