МЗТ Скопје денеска го официјализираше доаѓањето на најновото засилување, откако македонскиот првак потпиша договор со 32-годишниот Дастин Вер.
Истиот оној кошаркар кој во текот на минатата сезона си замина од клубот поради долгови кон него и добивање на подобра понуда, овојпат се враќа назад во МЗТ Скопје како замена за Бре Ајви, кој исто како и Вер лани, си отиде од таборот на аеродромци поради долгувањата кон него.
„Американецот Дастин Вер (32 год, 183 см) сезонава ќе ја доигра во сино-белиот дрес на МЗТ Скопје Аеродром, што за него е враќање во добро позната средина во која настапуваше до пред крајот на јануари оваа година. Плејмејкерот денеска потпиша нов договор со нашиот тим за да го доврши тоа што го почна минатата сезона, кога беше еден од најдобрите во нашиот тим со што го привлече вниманието на побогатите екипи од посилните првенства. Тој се пресели во француски Шалон Ремс, каде што ја доигра сезоната, а потоа настапуваше за екипи од Венецуела и од Литванија“, се вели во денешното соопштение на МЗТ Скопје.
Само за потсетување, не толку одамна, пред помалку од една година, „металците“ го испратија Вер жалејќи се на неговата посветеност и потценувањето кон македонската лига.
„Тој со добрите игри на турнирите во АБА2-лигата го привлече вниманието на побогати екипи од далеку посилни првенства, нешто што придонесе да се намали неговата желба да го носи сино-белиот дрес. МЗТ Скопје Аеродром веднаш почна со потрага на неговата замена, со надеж дека ќе најдеме уште подобро решение, односно играч кој покрај тоа што ќе игра добро во АБА2, воопшто нема да ги потцени македонските натпреварувања“, објави тогаш МЗТ Скопје.
Интересно, сега Бре Ајви, играчот кој секогаш даваше максимум од себе на секој тренинг и натпревар, од истата оваа управа е обвинет за недоволна посветеност, пред да си замине.
„Искусниот Вер доаѓа на местото на Бре Ајви, кој по само неколкуте добри партии во низа доби побогати понуди кои му го нарушија фокусот и посветеноста кон нашиот тим, па изрази желба по секоја цена да си замине“, објавија денеска „металците“.
И нормално дека никој не треба да верува во ова лажно алиби, кога се знае дека Ајви си замина поради долгувањата кон него, а управата дури по неговото збогување се смилува и реши да даде дел од она што го должи, за да спречи нови заминувања.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

