Се стопи предноста на Струга ТЛ…, Шкупи на само три бода и меч помалку на крајот од есента (ВИДЕО)

Шкупи дојде на само три бода од лидерот Струга ТЛ на крајот од првиот дел од сезоната, и плус и со натпревар помалку, откако триумфираше со 2-4 против Работнички во последното есенско коло, а притоа искористувајќи го киксот на Струга ТЛ кој ремизираше (1-1) на гостувањето против Скопје во Автокоманда.

Во останатите натпревари од последното есенско коло, Македонија ЃП го изненади Силекс во Кратово, Тиквеш славеше со 0-2 против Академија Пандев во Струмица, а Брегалница пропушти два гола предност на полувремето за реми (2-2) со прилепска Победа.

Шкупи дојде до предност од 0-3 по првото полувреме против Работнички со двата погодоци на Сандеј Адетунџи и еден автогол на Исмаили. Адетунџи погоди уште во 7. минута за водство од 0-1, а потоа стрелаше и во 21. минута за водство од 0-2. Во 40. минута автогол си постигна Исмаили за 0-3.



Во второто полувреме Методиј Максимов со два гола за само девет минути, во 54. и во 63. минута ги врати „романтичарите“ во игра, но двојниот асистент, Трапановски со голот во 79. минута ги постави конечните 2-4.

Максимов најпрво во 54. минута убаво стрелаше за 1-3…

А, потоа во 63. минута испрати нов одличен шут ниско по земја за 2-3.

Трапановски со сличен шут како Максимов во 79. минута ги постави конечните 2-4.

Фудбалерите на Македонија ЃП го изненадија Силекс со два гола за водство од 0-2 уште по првиот половина час игра. А, најзаслужен за водството на „лавовите“ беше Мишевски кој беше стрелец на двата погодоци за гостите. Вистински евро-гол директно од слободен удар од 25 метри беше вториот погодок на Мишевски во 24. минута…

Претходно, Мишевски својот тим го донесе до предност со голот од пенал во 14. минута.

Во вториот дел Силекс со голот на Ристовски во 76. минута успеа да намали на 1-2, но Мишевски со хет-трик и втор гол од пенал во 83. минута ги постави конечните 1-3.


Струга ТЛ имаше предност со голот на Малески на гостувањето против Скопје, но домашните со голот од пенал на Леонид Игнатов во 68. минута дојдоа до реми (1-1).

Брегалница водеше со 2-0 по првите 45 минути против прилепска Победа во Штип, со двата гола на Дарко Додев во 17. и во 21. минута од натпреварот.

Но, гостите изненадувачки со два гола дојдоа до реми (2-2) во второто полувреме. Мазари во 47. минута најпрво намали на 1-2, а Дадет Амос Губам во 72. минута ги постави конечните 2-2.

Тиквеш триумфираше со 0-2 на гостувањето против Академија Пандев во Струмица. Стрелец на погодокот за 0-1 на кавадарчани беше Ивановски во 21. минута од натпреварот.

Во второто полувреме, Лазаров погоди во 61. минута за конечни 0-2.

ПМФЛ – 18. КОЛО
Скопје: СКОПЈЕ – СТРУГА ТЛ 1-1
Игнатов 68′ (п) – Малески 57′
Штип: БРЕГАЛНИЦА – ПОБЕДА 2-2
Додев 17′, 21′ – Мазари 47′, Губам 72′
Струмица: АК. ПАНДЕВ – ТИКВЕШ 0-2
Ивановски 21′, Лазаров 61′
Кратово: СИЛЕКС – МАКЕДОНИЈА ЃП 1-3
Ристовски 76′ – Мишевски 14′(п), 24′, 83′(п)
Скопје: РАБОТНИЧКИ – ШКУПИ 2-4
Максимов 54′, 63′ – Адетунџи 7′, 21′, Исмаили 40′(аг), Трапановски 79′
Шкендија е слободна

Се вчитува...