Досегашниот селектор на Шпанија, Луис Енрике се огласи после елиминацијата на селекцијата на „Фуријата“ во 1/8 финалето на Мундијалот во Катар. Енрике доби отказ веднаш после тој натпревар, откако не ги исполни амбициите и целите, а тоа е да стигне барем до полуфинале на Мундијалот.
И покрај тоа, Енрике смета дека може да се извлечат и позитивни работи од настапот, но призна дека лошо се чувствува поради елиминацијата.
„Лоша работа во врска со овие натпревари е што во тие 90 или 120 може да отиде се по ѓаволите, односно во непосакуван правец. Не одигравме добро со Мароко, но имам позитивни впечатоци од СП и од овие четири години. Мирен сум, задоволен сум, успеавме да им влееме на играчите самодоверба. Ние четири години подготвуваме добро фудбалери и мислам дека загубивме многу добра шанса, и за тоа ми е жал. Мислам дека сме добри, освен неколку минути против Јапонија, а потоа се појавија потешкотии против Мароко“, рече Енрике.
Тој призна дека повеќе не се гледа на селекторска функција…
„Имам самодоверба и сакам да превземам клуб. Ќе почекам до идната сезона, освен ако не се појави нешто интересно“, рече Енрике.
Пред неколку дена излезе информација дека Енрике би можел да го замени Диего Симеоне во Атлетико Мадрид, кој поради лошите резултати сезонава, е пред отказ од тимот на Атлети.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА