Тите си поднесе оставка од функцијата селектор на Бразил, оставајќи го испразнето „жешкото столче“ како предводник на оваа суперталентирана генерација бразилски фудбалери.
На оваа тема од страна на новинарите беше прашан и легендарниот голгетер Роналдо, кој открил дека има три желби за селектор, од кои се надева дека една ќе му биде исполнета.
Првата е на клупата на Бразил да го види Жозе Мурињо. „Специјалниот“ сигурно би бил максимално мотивиран за еден ваков специјален предизвик, но останува проблемот со договорот што го има со Рома. Она што е интересно, Роналдо соработуваше со Мурињо на почетокот од својата кариера, кога Жозе беше преведувач во стручниот штаб на Боби Робсон во Барселона во сезоната 1996/97.
Втор кандидат на „феноменот“ за селектор на Бразил е Пеп Гвардиола. Исто како и со Мурињо, проблемот со Гвардиола е цврстиот договор што го има на клупски план, неодамна продолжен со Манчестер Сити, за сума што Бразилците тешко дека ќе можат да ја израмнат. Роналдо како фудбалер настапуваше крај Гвардиола, свесен е за генијалноста на каталонскиот стратег, со кого верува дека Бразил по четири години би можел да стигне до светската круна.
Како трета опција Роналдо го наведе својот поранешен тренер од Милан, Карло Анчелоти. Стариот лисец бележи извонредни резултати на клупата на Реал, но останува да се види дали Бразилците би можеле да го убедат да ги напушти „кралевите“ за врвниот репрезентативен предизвик – седнување на клупата на најтрофејната национална селекција во светот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА