Актуелниот шампион Франција ќе ја предизвика Аргентина во финалето на 22. Светско првенство кое се игра во Катар. Французите во вториот полуфинален меч славеа со 2-0 над Мароко.
Водство за Французите од 1-0 донесе Тео Хернандез уште во 5. минута од натпреварот. Интересно е тоа што Хернандез е првиот противнички фудбалер на овој шампионат кој успеа да ја начне мрежата на голманот на Мароканците Боно.
Во 17. минута Французите ја имаа и втората шанса откако Оливие Жиру биеше одлично, но стативата беше сојузник на мароканскиот голман. Во 21. минута селекторот на Мароко Реграгуи мораше да направи принудна измена, откако капитенот Саис се пожали на повреда, а на негово место влезе Амалах. Првата вистинска шанса Мароканците ја имаа во 45. минута кога одлично со „ножички“ биеше Ел Јамик, но шутот заврши во стативата.
Во вториот дел Мароко се обиде неколку пати да се врати во мечот, а откако не ги искористија неколкуте полушанси, казната дојде од Коло Муани кој зголеми на 2-0 во 80. минута. Коло Муани го постигна голот со својот прв допир по влегувањето во игра на место на Османа Дембеле кој и на шестиот меч на СП не се запиша во листата на стрелци. Килијан Мбапе имаше феноменална соло акција по која нанижа неколку дефанзивци на Мароко, по што следеше пас до Коло Муани кој ги реши сите дилеми околу победникот.
Финалето меѓу Аргентина и Франција ќе се игра в недела со почеток од 16 часот, додека ден порано во истиот термин во малото финале ќе се сретнат Хрватска и Мароко.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА