Десеттото коло од Првата кошаркарска лига започнува денеска во СРЦ „Кале“ каде ТФТ ќе го пречека Пелистер од 18 часот и 30 минути. Oва е прв натпревар на АБА2 лигашите на домашната сцена, а во него „црно-белите“ покрај одбраната на теренот ќе се обидат и да се одмаздат за поразот во регионалното првенство.
„Зелено-белите“ на овој натпревар нема да можат да сметаат на услугите на Сеад Хаџифејзовиќ кој заработи исклучувачка лична грешка на мечот во СЦ „Јане Сандански“ против Феникс 2010 за удирање на младиот репрезентативец Амар Хот пред самиот крај на натпреварот. „Пелистерци“ играат во одлична форма, во последните осум кола имаат осум победи (по поразот во стартната рунда од Гостивар), низа што сигурно ќе сакаат да ја продолжат и на дуелот со ТФТ. Актуелниот освојувач на Купот на Македонија игра променливо сезонава, но дуелот со еден од најдобрите тимови во мак-баскетот сигурно ќе биде голем мотив за ТФТ да се прикаже во добро светло.
По малиот одмор во петок, прволигашката кошарка ќе продолжи во сабота со четири натпревари во кои силите ќе си ги одмерат Гостивар и Кожув, Работнички и Еуро Никел, Струмица и Куманово и Академија ФМП и Чаир 2030, а колото ќе биде комплетирано во понеделник со мечот помеѓу МЗТ Скопје и Феникс 2010.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА