Кристијано Роналдо влезе во војна со Манчестер Јунајтед и го напушти клубот, на СП во Катар имаше конфликт и со селекторот Сантош, а според последните информации големата фудбалска ѕвезда влезе во војна и со својот долгогодишен пријател, фудбалскиот агент Жорге Мендеш.
Мендеш се грижеше за кариерата на Роналдо од самиот почеток и преселбата на Кристијано од Спортинг Лисабон во Реал Мадрид, потоа и во Јувентус и во Манчестер Јунајтед. Сепак, Кристијано е бесен што Мендеш не успеал да му го комплетира трансферот уште во текот на летото, што придонело да дојде до дополнителна тензија во првиот дел од сезоната, одразувајќи се и врз неговите подготовки за СП во Катар.
Шпанските медиуми тврдат дека односите меѓу двајцата се заладени, а Роналдо и директно му соопштил на Мендеш да не се мачи во потрагата по нов клуб по раскинот со Манчестер Јунајтед.
Кристијано се наоѓа во Мадрид и заинтересираните клубови контактираат директно со него, како јасна порака до Мендеш дека воопшто нема да учествува во преговорите за следниот чекор во кариерата на Португалецот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА