Милвоки понижен од „гризлите“

Јанис Адетокумбо и Милвоки доживеа срамен пораз од 41 поен разлика на гостувањето во Мемфис (142-101), меч зазаборав на поранешните НБА-шампиони. „Гризлите“ одиграа натпревар за паметење, доминираа во рекетот (86 поени во рекетот наспроти 38 на Милвоки) и го демолираа големиот ривал, за своја 19. победа сезонава.

Мемфис во четвртата четвртина имаше и предност од „плус 50“, но домаќините се смилуваа во завршницата и дозволија разликата да се спушти на 41 поен. Џа Морант одигра одличен меч остварувајќи дабл-дабл од 25 поени, 10 скока и 10 асистенции за Мемфис, додека Адетокумбо и Портис со по 19 поени беа најефикасни во таборот на Милвоки.

Тајлер Хироу беше во главна улога во триумфот на Мајами на гостувањето против Хјустон од 108-111. Извонредниот шутер погоди дури десет тројки и го заврши мечот со 41 постигнат поен, додека Џими Батлер реализираше 20 поени во овој триумф на Мајами.

Најнеизвесно беше во Солт Лејк Сити, каде Јута по продолжение успеа да го совлада тимот на Њу Орлеанс со 131-129, најмногу благодарение на одличните Кларксон (39 поени) и Марканен (31 поен).

Резултати НБА:

Хјустон – Мајами 108-111, Мемфис – Милвоки 142-101, Јута – Њу Орлеанс 131-129 (по прод.), ЛА Клиперс – Феникс 95-111.

Се вчитува...