Лука Модриќ ќе ја предводи Хрватска во утрешниот дуел за третото место на СП 2022 против селекцијата на Мароко. Сепак, тоа нема да биде последен меч на фудбалскиот генијалец во репрезентативниот дрес, откако Модриќ најавил дека е подготвен да продолжи да настапува за Хрватска уште извесно време.
Модриќ молчи во текот на целиот мундијал, селекторот Далиќ неодамна истакна дека очекува асот на Реал да продолжи да игра за репрезентацијата, а весникот „Спортске Новости“ во денешното издание објави дека одлуката е донесена – Модриќ и во иднина ќе ги брани боите на Хрватска.
Желба на овој фудбалски генијалец е да се обиде да го крене трофејот во Лигата на Нации, каде Хрватска се пласираше на фајналфор турнирот што во месец јуни ќе се одржи во Холандија. Шпанија, Италија, Холандија и Хрватска ќе бидат дел од овој фудбалски спектакл и Модриќ е решен да ја предводи својата селекција. Дали тоа ќе значи крај на репрезентативната кариера по тој Ф4 турнир, ќе се дознае по неговото завршување, но едно е сигурно, блесоците на Модриќ во репрезентативниот дрес ќе ги гледаме и по мундијалот во Катар.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА