Познатите фудбалски клубови од Скопје играа и во Европските купови, беа победници на Купот на Македонија но веќе не постојат
Миодраг Мицковиќ
Фудбалската карта на Македонија е осиромашена, бидејки повеќе на неа не можат да се најдат до пред неколку години, познатите клубови од Скопје, Балкан, „Тајфунот од Чаир“ како што го викаа неговите навивачи, Металург од Автоманда и Цементарница. Клубови, кои беа освојувачи на Купот на Македонија, по еднаш и финалисти, кои играа и во Европските купови, во единствената Втора лига на поранешна Југославија, чии дресови ги носеа познати фудбалски имиња, репрезентативци на нашата држава. Сето тоа е сега историја, тага за една успешна фудбалска традиција, сеќавање на убавите резултати бидејќи само тоа денес им остана на нивните многубројни навивачи. Што се случи со овие познати скопски клубови, беспарицата го направи своето, денес без пари и силни спонзори нема квалитетен фудбал, нема успеси. Тоа му се случи со Балкан кога браќата Ванчо и Баже Георгиевски повеќе немаа сили со своите фирми „Стококомерц“ и „Биси“ сами да го финансираат клубот, кога Цементара “ УСЈЕ“ и скопска Железара преку ноќ престанаа да ги финансираат Цементарница и Металург. Ги снема парите, ги снема и клубовите. Би сакале читателите на „Екипа“ да ги потсетиме на овие клубови, да се вратиме на нивните убави времиња кои сигурно се уште не се заборавени, особени кај постарите љубители на фудбалот не само во Скопје.
Балкан
Балкан е еден од најстарите клубови во Македонија, формиран во далечната 1921 година. Со голем успех играше со години во Првата лига на Македонија, во сезоната 1991 година беше и член на Единствената Втора лига на Југославија, играше против Раднички /Белград/, Раднички/Крагуевац/, Сутјеска, Пролетер /Зрењанин /, Леотар, Челик, Слобода/ Тузла/, Силекс, Тетекс…Се уште се паметат средбите на стадионот Чаир меѓу лутите ривали , но големи фудбалски пријатели меѓу Балкан и Слога. Беше тоа вистински спектакл,кој повеќе немаме можност да го гледаме.
Тренери на Балкан беа Зоран Мишиќ, со кој клубот постигна и најголеми успеси, Трајче Доневски, Драган Трајковски –Бамбула, Алексо Мацков, Трајче Ковачев, Ванчо Балевски…Неговиот дрес го носеа Цене Александровски, Стерули Бураку, Масар Омерагиќ, Кире и Миле Зафиров, сегашниот член на Управниот одбор на ФФМ, Свето Станкоски, Џенан Хајдари, Есад Чолаковиќ, Сеим Бегановиќ, Муарем и Музафер Салихи…
Металург
Металург беше формиран во 1964 година. Долгогодишен член на Првата лига на Македонија, победникот на Купот 2011 година кога во финалето го победи Тетекс со 2:0. Играше и во финалето на Купот на Македонија 2014 година, беше поразен од Работнички со 2:0. Со овие успеси доби право да игра во квалификациите за Лига на Европа одигрувајќи дури 16 натпревари со Локомотив/Софија/, Карабах од Азербејџан, на двапати, Рух Хорзов /Полска/,Санта Колома /Андора/, Омонија /Кипар/, Биркикара/Малта/ и Железничар /Сараево/.
Металург го водеа многу познати тренери. Во поранешните години Даме Стојановски, Иван Дечев, потоа Алексо Мацков, Срѓан Захариевски, Жикица Тасевскик, Ѓоре Јовановски, Никола Илиевски-Џиџи… Спортски директор беше Ѓорѓи Христов, генерален секретар познат сојузен судија Крсто Данаиловски.
И играчкиот состав не е за потценување кој во изминатите години играше за клубот од Автокоманда: Милан Илиевски, Баже Илиовски, Мирослав Вајс, Илија Несторовски, Борче Сетинов, Саше и Горан Караџов, Ертим Демири, Музафер Ејупи, браќата Наумче и Благоја Љамчевски, Зоран Јовановски, Крсте Велковски, Јорде Георгиевски,Игор Николовски-Гигец, браќата Миле и Саше Крстев, Мики Стојановски, Игор Кралевски, Драган Бочевски…
Цементарница 55
Фудбалерите на Цементарница со години беа членови на Првата лига на Македонија. Клубот е формиран 1955 под името ФЦУ 55, а потоа го смени во Цементарница, под кое ги постигна своите најголеми успеси, под тренерската палка на Зоран Стратев. Победник на Купот на Македонија 2003 година, предводен токму од Стратев, кога во едно драматично финале ја победи Слога со 6:4 по изведувањето на пенали. И 2002 година Цементарница играше во финалето на Купот но загуби од Победа со 3:1. Цементарница, како и Металург по успесите во Купот играше во Европа, во Интер тото купот но и во Купот на УЕФА со Колкети /Финска/, Хафнарфјодур/Исланд/, Катовице/Полска/, Ленс/Франција/ и Ростов/ Русија/.
Цементарница исто така ја водеа познати тренери, покрај Стратев со кого го освои единствениот трофеј, и легендарниот голман на Вардар, Љубомир Цветковски- Жмара, Раско Аврамовски, Зоран Росиќ, Васе Кралевски-Оџак, Перица Груевски, Алексо Мацков, Никола Илиевски-Џиџи, Драган Стефановски…
За Цементарница играа и селекторите Игор Ангелевски-Мрме и Боби Милевски, Бразилците Вандаир и Блесинг, Жарко Серафимоски, Горан Станиќ, Горан Петрески, Тони Јакимовски, Александар Васовски, Влатко Гроздановски, Жанко Савов, Марио Вуковиќ, Гого Јовчев, Илчо Кметовски, Свето Станковски… Најславните денови во историјата ги имаше под водство на Драган Томовски, како претседател на клубот, а сигурно многумина се сеќаваат и на човекот кој го создаде овој тим Васе Николовски-Пискулот.
За жал последниве години Скопје остана уште без неколку познати клубови,на кои ќе се потсетиме во еден од наредните написи.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА