Тренерот веќе го „шкртнал“ Барди: Високата плата е проблем и тој мора да си замине

Енис Барди е чекор поблиску до заминување од Трабзонспор откако тренерот Абдула Авчи решил да го исклучи македонскиот репрезентативец од своите планови за вториот дел од сезонава. Самиот Авчи се наоѓа под притисок поради слабите игри на тимот во првиот дел од сезоната, па искусниот стратег сега вината ја насочува кон фудбалерите кои самиот тој ги донесе.

Барди пристигна кон крајот на летниот преоден рок во Трабзонспор, за сума од три милиони евра од тимот на Леванте, по испаѓањето на шпанскиот клуб од Ла Лига. Притоа, нашиот репрезентативец потпиша договор на три години за плата од 1,2 милиони евра по сезона, а според турските медиуми токму високата плата е причината поради која Трабзон сака веќе во јануари да се ослободи од Барди.

Македонскиот репрезентативец воопшто не одигра слабо во првите месеци во новиот клуб, дебитираше со два гола на дуелот со Анталија, а севкупно одигра 19 средби за Трабзон, постигнувајќи четири погодоци.

Се вчитува...