Голем проблем за Гвардиола – цел месец без помошта на најдобриот дефанзивец

Манчестер Сити се соочува со сериозен проблем во пресрет на продолжението на сезоната во Премиер-лигата откако беше обелоденето дека Рубен Дијаз заработил незгодна повреда на СП во Катар и ќе мора да отсуствува еден месец од терените.

Најдобриот дефанзивец на Сити се повредил на четвртфиналниот меч со Мароко, но сепак останал на теренот до крајот на натпреварот, со што состојбата му се влошила. Станува збор за проблем со мускулот, а лекарите стравуваат дека паузата би можела да биде и подолга од четири седмици.

Ова е голема главоболка за Пеп Гвардиола, кој ќе биде без својот клучен дефанзивец за наредните натпревари, вклучувајќи ги и дерби-дуелите со Челси и со Манчестер Јунајтед закажани за првата половина од месец јануари.

„Граѓаните“ по 14 одиграни кола заостануваат пет бода зад лидерот Арсенал. Во првото коло по мундијалската пауза избраниците на Гвардиола ќе му гостуваат на Лидс, меч закажан за 28 декември.

Се вчитува...