Пелистер го претрпе и третиот пораз сезонава во АБА2-лигата откако битолчани загубија со 88-70 на дуелот против Хелиос. Словенечкиот состав влезе во мечот со епитет „единствен непоразен тим во АБА2 сезонава“ и успеа да го задржи истиот, откако со беспрекорна изведба во нападот стигна до нов триумф. „Пелистерци“ одиграа поквалитетно отколку пред неколку дена против Борац, но и тоа беше недоволно за да се приреди изненадуваање на овој натпревар.
Хелиос е најефикасен тим во АБА2 со просек од над 90 постигнати поени по натпревари, а Словенците наметнаа темпо кое битолчани не успеаја да го следат. Избраниците на Марјан Илиевски добро парираа во првата четвртина, но малиот пад во концентрацијата во финишот од периодот придонесе Хелиос да поведе со 27-23. Хелиос заигра подобро во втората четвртина, Пелистер успеа да се врати и намали на пет разлика, но по падот на концентрацијата во последната минута Пелистер замина на одмор со двоцифена негатива од 49-39.
Ситуацијата на теренот беше слична и во третиот период, во кој македонскиот вицепрвак намали на 62-56 на една минута до крајот на четвртината, но потоа следеше фуриозен финиш на Хелиос за двоцифрена предност на Словенците од 69-58. Отпорот на Пелистер беше целосно скршен во последните десет минути, во кои кошаркарите на Хелиос уште повеќе ја зголемија својата предност, се до конечните 88-70.
Карутерс со 20 и Хаџифезовиќ со 17 поени беа најефикасни во таборот на Пелистер, а двоцифрен ефект имаше и Карпентер, реализирајќи 15 поени.
Пелистер по седум одиграни кола со скор 4-3 се наоѓа на делба од шестото до осмото место, додека Хелиос остана осамен на врвот со максимални 7-0.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА